Достапни линкови

Петрески не се согласува со ревизорскиот извештај


Градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
Градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Охридскиот градоначалник не се согласува со ревизорскиот извештај за финансиското работење на општината, а прозивките ги смета за политизирани и тенденциозни.

Првиот човек на Охрид, градоначалникот Александар Петрески не се согласува со голем дел од ревизорскиот извештај, што Државниот завод за ревизија го објави за финансикото работење на општината во 2010 година. Прозивките и коментарите во јавноста за задолженоста и неправилностите во работењето, ги смета за политизирани и тенденциозни, што се должело на фактот дека охридската градска власт е опозиција на централната.

„Никој не коментира за ревизиите во министерствата, во владата, за ревизиите на општините управувани од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, сите како орли се нафрлија да ја коментираат ревизијата на општина Охрид, иако таа е многу подобра отколку нивните ревизии. Никој не ги коментира вработувањата околу премиерот, во владата каде имаме стотици вработувања, се знае по кој клуч, никој не ги коментира вработувањата каде некои редовно земаат плата, а не ни одат на работа, а ги коментираат вработувањата во општина Охрид. Знаат граѓаните дека градоначалникот притоа не гледа на партиска припадност, туку го гледа интересот на општината“, вели охридскиот градоначалник Петрески.

Државниот ревизор оцени дека општина Охрид не е влезена во втората фаза од фискалната децентрализација поради неисполнување на пропишаните критериуми од Законот за финансирање на едниците на локалната самоуправа за надминување на финансиската нестабилност, дека има блокирана сметка за наплата на судски решенија од минатите девет години со долг од 437.908 илјади денари, а 53 проценти од приходите не се реализирани преку платниот промет. Петрески тврди дека тоа е резултат на натрупаните стари долгови.

„Досега сум наследил долгови од 15 милиони евра. Старите долгови постојано растат, се зголемуваат. По 20 и 30 години се одолговлекуваат експропријациите по судовите, кои сега стасуваат, па старите долгови може да се искачат до 17 и 18 милиони евра. Во овој момент општината должи седум милиони евра. За старите наследени долгови, не се прашуваат зошто се оставени од времето кога тие владееја со општината, а не се поставува прашање и за одговорноста зошто се направени тие долгови и не се платени, туку се поставува прашањето дека јас недоволно им ги враќам нивните долгови. Јас досега имам вратено половина од тие долгови, и се она што е сработено во Охрид, го имаме платено. Ние ги враќаме старите, а ги сервисираме и новите долгови. Но старите долгови ни прават проблем во сервисирањето на новите обврски, така да, ако продолжи економското ембарго кон Охрид, може да се случи и тековните обврски да станат стари долгови“, објаснува Петрески.

Тој вели дека овие, според него, политички интриги на власта го мотивираат да се кандидира и по трет пат за градоначалничката функција во Охрид, каде тој смета дека како и во други познати туристички места или големите градови, треба да се влегува низ автопати и да се плаќаат патарини, што е давачка, која како и данокот за оние кои повремено живеат во градот, треба да ја воведе државата, наместо да се исмејува ваквата идеја.

Од локално опозициската ВМРО-ДПМНЕ, каде велат дека коментарите за ревизијата на општината им ги оставааа на институциите, неодамна кога Охрид повторно не доби согласност од владата за земање кредит за раздолжување на долговите и влез во втората фаза од децентрализацијата, тогаш алармираа дека општината се заглавува и со нови долгови кои со старите според нив се движат од 12 до 15 милиони евра.
XS
SM
MD
LG