Достапни линкови

САД, Кина и Русија обединети против Иран


Меѓународната агенција за атомска енергија ја поддржа резолуцијата со која се интензивира притисокот врз Иран околу тајната нуклеарна програма на таа земја. Од 35 члениот Совет на МААЕ, кој два дена заседаваше во Виена, 32 земји гласаа за резолуцијата, Индонезија се воздржа, а Куба и Еквадор беа против.

Во резолуцијата се изразува длабока и зголемена загриженост за, како што се наведува, нерешеното прашање со иранската нуклеарна програма и се бара од Техеран да и дозволи на Меѓународната агенција за атомска енергија пристап до сите релевантни документи, постројки и персонал во Иран.

Во текстот сепак не се препорачуваат нови санкции против режимот во Исламската Република, но резолуцијата, која е усогласена од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, како и од Германија, претставува ретка инстанца каде што Русија и Кина ги здружуваат силите со западните сили во врска со иранското прашање.

Реактор во иранскиот град Арак
Реактор во иранскиот град Арак

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека Соединетите држави не се изненадени од сознанијата за иранските намери, но оти сега целиот свет знае дека Иран не само што веќе две децении крие од светот дека има програма за збогатување ураниум, но исто така дека Техеран е ангажиран во тајни истражувања и развој на активности кои може да имаат само една апликација: изградба на нуклеарна боева глава за балистички проектили.
Ние веруваме дека денешната резолуција е ефикасна отскочна позиција за другите мерки што ќе ги бараме во наредните денови и месеци.


Американскиот државен секретар Хилари Клинтон пак, оцени дека акцијата на МААЕ потврдува оти меѓународната заедница не ги зема за веродостојни тврдењата на Иран. Нејзиниот портпарол Марк Тонер рече дека Соединетите држави ќе продолжат да вршат притисок врз Иран:

,,Ние веруваме дека денешната резолуција е ефикасна отскочна позиција за другите мерки што ќе ги бараме во наредните денови и месеци.,,

Разговорите во Виена започна на 17 ноември кога шефот на МААЕ Јукиа Амано го прочита извештајот на Агенцијата во кој за прв пат се наведува дека постојат веродостојни докази оти Иран работи на развивање технологија за нуклеарно оружје. Амано додаде дека била негова должност да го предупреди светот за иранските напори за развој на атомска бомба.

Јукио Амано, генерален директор на МААЕ
Јукио Амано, генерален директор на МААЕ

Властите во Иран ги отфрлија извештајот ИАЕА како неоснован, велејќи дека неговите нуклеарни активности се за цивилни цели. Официјален Техеран оцени дека извештајот бил историска грешка. Според иранскиот претставник во оваа агенција Али Асгар Солтанија, извештајот отстапува од курсот на соработка меѓу Иран и МААЕ. Се уште не е јасно дали Иран ќе одобри натамошна инспекција на постројките.

Тензиите околу нуклеарната програма на Иран предизвикаа немири на Блискиот Исток и зголемување на стравувањата дека Израел би можел да преземе воена акција за да се спречи Техеран во развивањето на нуклеарна програма.

Во меѓувреме, Швајцарија соопшти дека ги заостри санкциите против Иран, додавајќи уште 116 имиња на црната листа на кои им е забранет влез или финансиски трансакции во Швајцарија. Швајцарските санкции сега вкупно опфаќаат 250 поединци и институции, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи Али Акбар Салехи.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG