Достапни линкови

Закани врз редакцијата на РСЕ во Белград


Српското десничарско здружение Наши покрена хајка против дописништвoто на РСЕ во Белград, поради мапата на Србија без Косово.

Српското народно движење Наши во средата објави повик до своите членови да се јавуваат по телефон во редакцијата на Радио Слободна Европа во Белград и да бараат од веб-страницата да се отстрани мапата на Србија на која го нема Косово. Во дописништвото во Белград имаше десетици повици. Оваа десничарска организација бара и од властите во Србија да реагираат и да го истражат овој случај, бидејќи, како што велат, станува збор за медиум што работи во Србија.

На ваквото соопштение реагираше Независното здржение на новинарите на Србија кое истакнува дека ваквиот повик не е упатен само кон новинарите на Радио Слободна Европа, туку и кон сите независни медиуми.

Потпретседателката на здружението, Јелка Јовановиќ, истакна дека ова е напад врз РСЕ и оти ќе бараат забрзување на постапката пред надлежните органи на Србија за забрана на ваквите екстремистички организации.

Регионалниот директор на Радио Слободна Европа, Ненад Пејиќ, ги повика властите во Србија да ги заштитат новинарите на дописништвото во Белград, истакнувајќи дека секој има право да ги изразува своите ставови, но никој нема право да им се заканува на новинарите, а овој случај е загрозување на новинарската слобода и мешање во уредувачката политика на РСЕ.

РСЕ ќе продолжи со своето објективно известување за настаните во Србија и во другите земји од регионот.

Инаку, движењето Наши е познато по екстремистичките ставови во Србија.
XS
SM
MD
LG