Достапни линкови

Поддршка чок, името јок


Турскиот и македонскиот премиер, Реџеп Таип Ердоган и Никола Груевски на прес-конференција во владата во Скопје.

За турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган неразбирливо и неправедно е однесувањето на Грција по прашањето за името. Тој изрази поддршка за македонските евроинтеграции.

Политичките односи меѓу Македонија и Турција се искрени и пријателски, а економските односи треба да ја следат таа линија, порача турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган кој пристигна во дводневна официјална посета на Македонија.
Лани македонско-турската трговска размена беше 310 милиони долари, а за годинава веруваме дека таа ќе достигне 410 милиони долари. Оваа бројка уште ни изгледа мала и треба да се зголеми.
Реџеп Таип Ердоган, премиер на Турција.

„Лани македонско-турската трговска размена беше 310 милиони долари, а за годинава веруваме дека таа ќе достигне 410 милиони долари. Оваа бројка уште ни изгледа мала и треба да се зголеми“, најави Ердоган на заедничка прес-конференција со премиерот Никола Груевски.

Целта е трговската размена меѓу двете земји да достигне 1 милијарда долари, дециден е првиот човек на турската влада.

Токму заради продлабочувањето на економските односи, во делегацијата на Ердоган се и стотина турски бизнисмени кои утре ќе одржат заеднички бизнис форум со нивните македонски колеги. Ердоган утре треба да ги посети и Тетово и Гостивар.

Турскиот премиер изрази недвосмислена поддршка на заложбите на земјава за членство во ЕУ. Свесен дека и по 40 години чекање, неговата земја, сепак нема да влезе во ЕУ пред Македонија, Ердоган посака „Аирлија“ на патот кон Унијата.
Грчкиот став за нас е неразбирлив и неправеден. Грчкото име се знае, тоа е Грција, и во тој контекст додавките како Горна, Долна, Северна немаат никакво значење. Ваквите слични видувања се неправедни.
Реџеп Таип Ердоган, премиер на Турција.

За турскиот премиер, однесувањето на Грција во спорот за името е „неразбирливо и неправедно“.

„Грчкиот став за нас е неразбирлив и неправеден. Грчкото име се знае, тоа е Грција, и во тој контекст додавките како Горна, Долна, Северна немаат никакво значење. Ваквите слични видувања се неправедни“, рече Ердоган.

Премиерот Груевски се заблагодари на подршката и посочи дека добрите односи меѓу двете земји наоѓаат поткрепа и во договорот за стратешко партнерство.

„Ја истакнав и благодарноста од нашата нација до пријателската турска држава за почитувањето и поддршката на нашите права и интереси, за заштита на нашиот идентитет и уставното име Република Македонија“, рече Груевски.

Турскиот премиер се сретна и со претседателот Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, а се среќава и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Сопругите на двајцата премиери, Боркица Груевска и Емине Ердоган, пак, ја посетија Детската амбасада „Меѓаши“ во Скопје.

Турција е втора земја, по Бугарија, што ја призна независноста на Македонија и единствената која го употребува уставното име на земјава во мултилатералната комуникација. Во докуметите на НАТО, каде што Турција е членка, во фуснота стои дека Турција ја признава поранешната југословенска Република Македонија под нејзиното уставно име Република Македонија.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Ваше мислење

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG