Достапни линкови

Неделен печат


Амнестијата на Хашките случаи, анализа на „македонскиот непокор“, економската криза што и се заканува на Америка - дел од темите во неделниците.

Глобус обработува повеќе интересни теми: главната е онаа што го интригира буквално целиот свет, ама нас, по се’ изгледа, не: дали претседателот Обама ќе успее до 2 август да ги обедини демократите и републиканците околу неговиот предлог за решавање на финансиско - економската криза што повторно и’ се заканува на Америка, од која, веројатно, ќе се раздрмаат не само европските, туку и азиските економии. Па така прашањето што содржи алузија и што го поставува Глобус е: „Што им значи Илинден на Американците?“.

„Време е за малку напред“ е втората тема во која се анализира културниот поим „македонски непокор“, што сме го учеле во учебниците, а завршува како „аутистичен протест“. Поточно, Македонецот е замолчен, исплашен и само дебатирањето со аутистичните институции води во ќорсокак: непослушност кон силеџиството на власта и одговорност кон човекот и неговото достоинство треба да бидат нашите стратегии - порачува неделникот.

Пивото, плескавиците и песните - тоа е нашиот менталитет, порачува Глобус, во една од колумните, а во другата пишува за траумата од третата власт на Груевски. Третата колумна на неделникот е посветена на пивото и на неговиот празник во Прилеп, за кој авторот вели дека ако таму се градел проектот „Скопје 2014“, главниот споменик ќе биле Здравко Чолиќ, Северина и џиновско шише пиво сосе бронзени ќебапчиња и шарски плескавици на постаментот.

Интересна е насловната на Фокус неделава: премиерот Груевски удира на тапан во стилот на „Тешкото“, а Јохан Тарчуловски, облечен во народна носија - го игра познатото оро. И насловот: „Премиерот го понижи Тарчуловски - и Јохан заигра на тапанот на Груевски“. Новиот член на тимот на Фокус, Бранко Героски, ја објавува својата сопствена трансформација од изгубена или црна овца, во смерен припадник на портокаловото стадо, пишува во текстот горенаведениот автор. Уште во 2006 нашиот пастир викна молери (на тендер) за да го бојадиса целото стадо во портокалова боја. За лесно, од авион, да се препознава секоја душа залутана во транзиционата кал на Бранко Црвенковски, додава со иронија авторот.

Амнестијата стана амнезија пишува во друг текст во неделникот, а во трет, инспириран од автентичното толкување на Законот за амнестија - со наднаслов „Автентично толкување на Фокус за апсењето на Љубе“, и со наслов „Ем на братот мил, ем на бате драг!“ Фокус наведува: Едно од автентичните толкувања на операцијата Кампања (апсењето на Љубе Бошкоски) е дека дотичниот донатор е соработник на нашата служба и за да си дозволи со него да се дружи во елитната Воденица и да прима Зара кеси, Љубе сигурно си го знае пријателчето од полициското време. Значи, бил близок со Љубета, ама и со ВМРО-ДПМНЕ, заклучува Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG