Достапни линкови

Македонскиот бокс во сериозна криза


Неуспехот на ЕП во Анкара покажа дека македонскиот бокс е во сериозна криза. Една од главните причини, недостатокот од финансии.

Минатонеделното Европско првенство во Анкара уште еднаш потврди дека македонскиот бокс е во сериозна криза. На собирот на најдобрите на Стариот континент, Македонија имаше тројца натпреварувачи од кои само Фатлум Жута стигна до второто коло, додека нашите најдобри боксери последниве десетина години, Вели Мумин и Примислав Димовски не ја минаа ниту првата пречка. Иако очекувањата не беа големи, ваквиот епилог во јавноста беше оценет како неуспех. Со тоа се согласува и селекторот Руждија Калач, кој не е изненаден од поразителната реалност.
Ова е неуспех, но не е тотален неуспех со оглед на тоа колку другите земји вложуваат во спортот. Јас мислам дека веќе е привилегија да се занимавате со спорт, ако немате средства, ако немате пари, вие нема
што да барате.

„Без извлекување ова е неуспех, но не е тотален неуспех со оглед на тоа колку другите земји вложуваат во спортот. Јас мислам дека веќе е привилегија да се занимавате со спорт, ако немате средства, ако немате пари, вие нема што да барате во врвниот спорт“, изјави Калач.

Тој не пропушта да каже дека македонските боксери не би имале подготовки, ниту настапи на меѓународна сцена, без помошта од Агенцијата за млади и спорт, олимпискиот комитет и боксерската федерација. Сепак, таа помош е недоволна за поголеми успеси, поради што не крие дека стравува од уште поголем пад по пензионирањето на нашите најголеми адути во моментов.

Илустрација - Бокс меч

„Ќе биде многу тешко со оглед на состојбата. Јас ја следам ситуацијата во државата навистина тоа е што е, меѓутоа за спортот треба да се издвојат средства, мора да има фондови, спонзори итн. Секаде онаму каде што има средства има и резултати. Во боксот тоа е малку јадно и не гледам во иднина дека ќе се создадат нови боксери после заминување на Мумин и Димовски.“

Селекторот апелира државата час поскоро да посвети поголемо внимание на благородната вештина, бидејќи Македонија има многу таленти во овој спорт. Тоа го потврдуваат медалите од врвните натпреварувања на Аце Русевски, Реџеп Реџеповски и Вели Мумин, а за сличен успех и во иднина:
Секаде онаму каде што има средства има и резултати. Во боксот тоа е малку јадно и не гледам во иднина дека ќе се создадат нови боксери после заминување на Мумин и Димовски.


„Ние треба да имаме една систематска работа, еден континуитет бидејќи точно се знае како се стекнува спортската форма. Значи мора да се најде некаков излез во смисла на повеќе средства да се обезбедат и правопремено, бидејќи не вреди да одите на подготовки само последните месеци, а цела година да немате средства за тоа“, истакна на крајот Руждија Калач.

Тој, и покрај се, верува дека неговите избраници во септември, на Мундијалот во Азербејџан, ќе се прикажат во подобро светло и ќе се изборат барем за една виза за ЛОИ во Лондон.
XS
SM
MD
LG