Достапни линкови

Аларм: Чекајте „нормално“ време


Хонг Конг
Хонг Конг

Торнадата, шумските пожари, сушите и поплавите што зачестија во светот се шокирачки сигнали за глобална зачуденост, пишува британскиот весник Гардијан во текстот за се поекстремените временски услови во светот.

Најтоплата британска пролет во изминативе 100 години дојде по најстудената британска зима во последните три века. Јуни во Лондон беше постуден од март. Добредојдовте во климатскиот тобоган или како што веќе почнува да се нарекува „новото нормално време“, пишува весникот Гардијан, наведувајќи дека за она што до неодамна беше некако предвидливо, сега научниците отворно велат дека е вонредно или шокантно.

Минатата година, повеќе од 2 милиони квадратни километри од источна Европа и Русија беа опожарени. Од екстремните температури кои неколку недели беа за 6 степени повиски од нормалното, некои податоци велат дека тоа беше најтоплото лето во последните пет века, починаа над 50 илјади луѓе, приносите беа уништени, а цените на храната пораснаа.

Оваа година 16 земји од западна Европа беа погодени од голем топлотен удар, а врнежите од дожд не се ни на половината од просечните за овој период. Но, за вистинските временски екстреми потсетете се на поплавите во Австралија и Кина, или на деструктивната торнадо сезона во северна Америка. Како и да е последиците од ова време се поголеми во посиромашните земји. Имено, додека богатите држави помалку или повеќе се имуни краткорочно, бидејќи глобалниот трговски систем им гарантира храна и струја за клима уредите, милиони луѓе во Етиопија, Кенија и Сомалија се на работ на преживување.

Имало и порано суши и поплави ама ова...

Скептиците велат дека секогаш имало суши и поплави, но она што ги загрижува сите е што тие се поинтензивни и почесто се менуваат. Само во еден месец може да има временски прилики што се карактеристика за една година. Убиствените суши, големите снегови, огромните поплави и екстремни температури сега се новата нормалност, вели Никил да Викторија Лобо од џиновската осигурителна компанија Свис Ре чии годишни загуби од природните катастрофи од 25 милијарди долари во 80 години сега изнесуваат над 130 милијарди.


Луѓето во најпогодените подрачја секако не чекаат на климатолозите да потврдат дека климата се менува. Во Непал, каде што врнежите се посилни од претходно, рамните покриви се менуваат со искосени, додека селаните на се посушните Анди градат резеревоари за вода за преживување. Новите анализи покажуваат дека природните катастрофи во 140 земји поврзани со климата стануваат се поекстремни.

„Мислам дека глобална зачуденост е најдобриот начин да се опише она што сега го гледаме. Ние употребуваме одредени состојби, но она што го гледаме деновиве е надвор од постојната рамка“, вели научникот Катрин Хејхо од Техничкиот универзитет во Тексас.

Дел од научниците се уште се колебаат некоја специфична временска појава да ја поврзат со климатските промени и очекуваат екстремните временски услови да не се повторуваат зачестено. Тоа, впрочем го покажуваат и податоците прибирани од Светската метеоролошка организација која заклучува, условно, дека глобалното време сега ќе се врати на нешто што би требало да биде нормално. Проблемот е никој веќе не е сигурен што се подразбира под нормално време, заклучува весникот Гардијан.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG