Достапни линкови

Интервју – Гордана Јанкулоска


Интервју со Гордана Јанкуловска
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:25 0:00

Гордана Јанкулоска

За нас е прифатливо решение за името за кое низ процесот кој се води во ОН двете страни ќе се договорат, а тоа решение ќе биде потврдено на референдум, вели министерката за внатрешни работи и носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 2.




Г-ѓо Јанкулоска, реален ли е стравот од можни тензии и инциденти на претстојните избори?

Јас веднаш на почетокот сакам да кажам дека очекувам изборите да поминат во мирна, фер и демократска атмосфера. Инаку сведоци сме дека од самиот ден на распишување на изборите, па дури и претходно, во јавноста постојано се шират одредени шпекулации дека наводно ќе се случеле некакви туниски, египетски сценарија. Најчесто овие шпекулации ги слушаме од политичарите од редовите на опозицијата, меѓутоа како министер за внатрешни работи знаејќи што се сме направиле и какви се нашите планови за периодот што следува можам да кажам дека граѓаните ќе добијат можност да ја изградат својата волја во една мирна, фер и демократска атмосфера и дека не треба да подлегнуваат под влијание на шпекулациите чија крајна цел најверојатно е само да создадат атмосфера на страв.

Како тогаш ги коментирате забелешките во последниот извештај на ОБСЕ дека во досегашната кампња се забележани големи тензии помеѓу двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и во поглед на тоа дека ДИК е политизирана?

Во основа јас не би сакала да коментирам извештај што не е конечен, нели конечниот извештај ќе дојде на крајот од изборите, меѓутоа природно е да има натпреварувачки дух во време на кампањата и природно е политичарите да се натпреваруваат на начин кој сметаат дека е најсоодветен да им се претстават на граѓаните. Нашиот стил на работа е да се претставувате со отчет за сработеното и со она што планираме да го сработиме во следните четири години, значи нудиме цели 1200 проекти кој ќе бидат реализирани во конкретни и прецизни рокови. Нашите политички противници одбраа друг пат, го одбраа патот на навреди, клевети, манипулации и шпекулации, но граѓаните се доволно свесни, јас ќе кажам повторно како што сум кажала и многу пати досега, не треба да се потценуваат бидејќи силата и мандатот кој го добиваат политичарите доаѓа единствено од граѓаните и од поддршката која ни ја даваат.

Во последно време многу се зборува за партиски притисоци кај
вработените во државните институции да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Ќе има ли санкции за луѓето коишто ги заплашуваат вработените?

Ние бевме сведоци дека во јавноста еден од коалиционите партнери на СДСМ, А1 ТВ, излезе со некакви фиктивни списоци, меѓутоа морам да кажам како претставник на сериозна институции дека во МВР досега никој не пријавил ниту таков притисок, ниту постоење на било какви притисоци, единствено што можевме да чуеме е изјавата на потпретседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој е и носител на листа, дека тие бараат и инсистираат секој член на СДСМ да донесе десет гласа како знае и умее. Така што во контекст на оваа шпекулација или манипулација која ја пласираше А1 ТВ како еден од коалиционите партнери на СДСМ, навистина не постои никаква потврда или било каков доказ кој би водел до таков заклучок.

Стравувате ли како партија од преполовување на гласачкото тело на ВМРО ДПМНЕ во поглед на другите десничарски партии?

На овие избори како никогаш досега се појавија некои мали, нови, туку што креирани партии за потребите на СДСМ. Евидентно е дека СДСМ неможе да земе од гласовите кои се традиционално гласачко тело на ВМРО ДПМНЕ па поради тоа се јави потребата да се формира Обединети за Македонија, да се промовира ВМРО Народна партија или Демократска десница, Достоинство итн, кои доаѓаат од „Бихачка“. Меѓутоа повторно ќе речам, јас верувам во капацитетот на овој народ и граѓаните се доволно свесни и способни да ја направат вистинската проценка односно да направат разлика како работеле токму овие луѓе кога имале можност нешто да сработат и дали нешто оставиле зад себе и што е понудата на ВМРО-ДПМНЕ.

Останува ли ДУИ сигурен партнер на ВМРО-ДПМНЕ?

Со Демократската Унија за интеграција имавме коректни односи во владата и успеавме да реализираме огромен дел од програмата на владата. Во периодот што следува, значи во текот на кампањата, ние сме целосно фокусирани на резултатот, односно на победата која ќе следи на 5-ти јуни, а зависно од изборните резултати понатаму следуваат разговорите, преговорите за коалиција.

Во однос на спорот за името и двете партии и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се изјаснија дека се за компромис којшто нема да му штети на идентитетот и двете партии рекоа дека ако се најде компромис тогаш ќе има референдум. Во што тогаш се разликуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, каде во поглед на ова прашање се разидуваат?

Навистина не знам што се случи во СДСМ за дијаметрално да го сменат ставот, но добро е што прифатија добра идеја и не е прв пат да прифатат идеја што и припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ, да ја претставуваат како своја, но овој пат се работи за нешто што е во интерес на Макеоднија, така што еволуцијата од „свиткување на кичмата, до референдум за името“ морам да признаам дека овој пат е во позитивна насока иако доаѓа од СДСМ, иако тоа е копија на наша програмска определба и на нешто што ние им го понудивме на граѓаните уште во 2006 година.

Конкретно дали е за вас прифатливо решение, име со географска одредница?

За нас е прифатливо решение за кое низ процесот кој се води во ОН, двете страни ќе се договорат, а тоа решение ќе биде потврдено на референдум. Јас не учествувам во тој процес бидејќи во владата извршувам задача Министер за внатрешни работи, така што не би сакала ниту да коментирам, ниту да шпекулирам, се работи за едно исклучително сериозно прашање што се однесува на националниот идентитет и во таа смисла мислам дека треба да се воздржиме од било какви калкулации или шпекулации, но ние како партија ќе опстоиме на она што сме го кажале и во програмата во 2006 година и во програмата во 2008 година и го кажуваме и во Манифестот за реформи и развој, оваа година и на овие избори.

Зошто во време на гласни критики за слободата на медиумите и за недостик од демократски амбиент во земјава се одлучивте, зборувам за претставници на ВМРО-ДПМНЕ, да не учествувате во телевизиски дебати, соочувања?

Ако не се лажам ова интервју е наменето и за телевизија и за радио.

Зборувам за другите?

Ние јавната дебата која постопано се води, ние сме секојдневно пред граѓаните и тоа не само во времето пред избори туку и постојано. Ја имаме одговорноста за водење на државата и институциите и најголемата дебата што еден политичар може да ја добие е дебатата со сопствениот народ и ние сме постојано во таква дебата.

Во последно време ве гледаме вас, а и други владини министри премногу активни во изборната кампања. Зошто дозволувате да бидете мета на јавноста и на пример да присуствувате на отварање на спортско игралиште во Куманово, како министер за внатрешни работи?

Работата на министерот е да биде секаде каде што се граѓаните. Министерот мора да се грижи за сопствениот народ, Присуството на министрите односно на извршната власт помеѓу граѓаните можеби е несвојсветвено за политичари кои ја раководеле државата единствено од канцеларија како што се Црвенковски и Шеќеринска.

На што го темелите оптимизмот дека ќе победите на овие избори?

Пред се го темелам на реакциите на граѓаните со кои секојдневно се соочувам. Кога ќе ги видите задоволните лица на земјоделците на кои им се исплатени субвенциите, кога ќе видите насмевка на лицето на возрасните граѓани кои имаат покачени пензии и подобрени услови во здравството, кога младите луѓе ќе се одлучат за спорт наместо за насилство и дрога, тогаш знаете дека сте на вистинскиот пат и покрај сите критики и опструкции на кои наидовме од страна на опозицијата.

Меѓутоа што е со големата сиромаштија? Еве конкретно му беа ли на Скопје потребни толку многу споменици кога се знае дека имаме невработеност од 30%?

Покачување на стандардот на грѓаните секако останува наш приоритет. Оваа влада е единствената која покажа дека со домаќинско работење може и пензиите и платите и социјалните трансфери да се исплаќаат на време, може да има и субвенции за земјоделците и тие да бидат задоволни, може и да се град и,може и да се покриваат и сите други потреби на државата. Тоа може да се направи само со едно домаќинско работење, со одговорно работење, со даночна дисциплина.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG