Достапни линкови

Неделен печат


Убиството на Осама Бин Ладен, изборите и последните рејтинг анкети – дел од темите во неделните печатени изданија.

Македонскава транзиција памети многу згаснувања на печатени медиуми, дневни весници или неделници. Последниот неделник што престана да излегува, поради финансиски или политички причини, како што велат неговите луѓе, затоа што многу ја критикувале власта, е Глобус, што и ние го вклучувавме во нашите редовни седмични прегледи на пишувањето на неделниците во Македонија. Ќе бидеме пократки за едно различно видување на нашата стварност. Значи, денеска ги опсервираме само Форум и Фокус.

Лајтмотивот на едиторијалот на Форум е довербата. Онаа која се вратила во американските институции и во претседателот Обама по објавувањето на веста за смртта на првиот светски терорист кој на душа носи илјадници невини жртви, Осама бин Ладен. Во меѓувреме, ние во Македонија се обидуваме да одгатнеме обични цифри. Кај нас, за жал, веќе и нумеричкиот израз има изгубено секакво егзактно значење и мора да се стави во некаков контекст за да има некаква смисла.

Предизборните анкети, тема за анализирање на Форум.

Тоа се однесува на секојдневното лиферување на девалвирани анкети од разноразни институти кои се изнакотија и кои покажуваат резултати, според желбите на нарачателите, забележува неделникот, па продолжува дека според институтите блиски на СДСМ изборите се целосно неизвесни, а двете најголеми партии имаат речиси еднаков рејтинг, меѓу 18 и 20 проценти. Според институтите блиски на ВМРО-ДПМНЕ владејачката партија има рејтинг од 24%, а опозицијата од 10%. Ова отстапување во проекциите изнесува 240% и за такви фрапантни разлики во истражувањето на јавното мислење досега не сум чул. Со ваква ерозија на кредибилитетот на медиумите, институтите, резултатите и самите цифри, како македонските граѓани воопшто да веруваат во некакви анкети? - завршува со прашање едиторијалот на Форум.

Тешко на идејата до која ќе дојдат нашиве преродбеници, констатира уводникот на Фокус. Тие се способни да ја уништат и најдобрата идеја, а колку нивната идеја е поарна, толку нивната деструктивна моќ е поголема. Што бидна со гласањето на дијаспората? Маме расплакаа на сите што беа против нејзиното гласање, а сега, кога треба да се овозможи гласањето, никаде ги нема. Ниту нив, ниту иселениците. Направија се, за да се срамиме од тоа што сме Македонци! - пишува Фокус. Со сериозна власт немаше да стигнеме до сегашнава трагикомична ситуација за тројца пратеници да гласаат 3 илјади и девет иселеници, колку што имало пријавено гкасачи на едвај десетина часа пред утврдениот рок. Колку сме - толку сме?! Тоа може во песна да помине, но ќе ни стане ли некогаш јасно зошто ниту за свадба не сме? - прашува на крајот авторот на уводникот во Фокус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG