Достапни линкови

Неделен печат


Тутунарските протести главна тема во анализите на неделните весници.

Неделникот Фокус, на насловната страница оди со главната тема за неделата што измина: тутунарските протести. Насловува дека тутунарите го запалија оганот и во негов стил дека „Бранко си пуши, а на Груевски му чади низ уши“.

Владата кажа дека е земјоделска, продолжува неделникот во уводникот, и дека до сега потрошила 365 милиони евра на субвенции во земјоделието. Но, токму земјоделците се меѓу најочајните граѓани во земјава. Пиштат сите, од млекари до овоштари, преку оризари, се' до тутунарите, кои отворено го запалија оганот на незадоволството.

Зар е можно, сите тие да не знаат колку, всушност, им е добро, со нивната, божем, земјоделска Влада?, прашува Фокус. Откако наведува дека се незадоволни и лекарите, но и пациентите, негувателките по градинките, но и родителите, даскалите, административците,и трговците и бизнисмените, и неделникот забележува дека секој ден се' повеќе сите тие ја согледуваат цената што од 2006-та залудно сите ја плаќаме - а дека власта затоа ги губи нервите. Оттаму е имбецилното врескање по Бранко, кој, чиниш, супермен, од Бихаќка мирно цигара си пуши и власт народна руши - завршува Фокус, во својот препознатлив стил.

Тутунот смрди на политика

Дека „Тутунот смрди на политика“, пишува во уводникот и неделникот Форум. Вистината е дека политичката борба сега се префрла на улица. Едните организираат протести пред институциите, другите контра-протести пред опозициските штабови. Во пазарна економија, не владата, туку откупувачите ги диктираат цените и тие ја сносат најголемата одговорност за ниските откупни цени, а власта единствено може да го субвенционира производството, да интервенира со засилени контроли на откупните пунктови и со казнување на откупувачите. Се плашам дека на крај со кратки ракави, сепак, ќе останат тутунарите, пишува Форум. Со сета почит кон нивниот труд и без никакво потценување, но голема е веројатноста дека се грубо изманипулирани и ставени во служба на партиските, а не на сопствените интереси, смета авторот на уводникот во Форум.

Власта и Црквата во брак?

За бракот од корист помеѓу власта и црквата пишува во најновиот број Глобус, а во врска со предлогот на МПЦ и другите верски заедници во земјава во Уставот да се наведе дека само еднополните бракови се она важечкото во државава. Црквата веќе станува рамноправен партнер на Владата при донесувањето на битните одлуки, а тоа ќе доведе до поделби и конфликти, при што верата наместо да биде нешто лично, се издигнува на ниво на јавно решавање на елементи кои задираат во човековите права, заклучува Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG