Достапни линкови

Сообраќаен хаос во Дебар


Поради немање на паркинг плацеви во одредени периоди на годината во Дебар, на улиците се создава вистински сообраќаен хаос.

Особено овој проблем е присутен за време на летните и зимските одмори кога во родниот крај пристигнуваат со свои автомобили печалбарите кои се на привремена работа во западноевропските земји а посебно во Италија.

Оваа состојба создава големи проблеми во безбедноста на сообраќајот. Комисијата за безбедност во сообраќајот при Советот на општина Дебар досега има преземено бројни мерки за подобрување на состојбата. Поголемиот дел на главните улици се одредени како еднонасочни но сепак проблемот останува актуелен.

,,Вистина е дека во одредени периоди во Дебар има хаос во сообраќајот, што е резултат на немањето паркинг. Имаме тесни патишта а немаме паркинзи. Се надеваме во иднина со изградба на заобиколниот пат на Дебар да се создаде можност за да се изградат паркинзи. Во една состојба кога ќе има паркинизи, ќе бидат подобро дочекани и печалбарите"

објаснува претседателот на Комисијата за безбедност во сообраќајот Абдул Колеци. Тој подвлекува дека проблемот е актуелен повеќе години, заради што со урбанистичкиот план се предвидуваат паркинг плацеви.

Дебар


,,Со Урбанистичкиот План се предвидува во 2011 година на одредената локација да се изградат неколку паркинг плацеви."

Вели Колеци.

Тесните улици и немањето паркинзи особено проблем е и за такси возилата, кои и покрај тоа што имаат одредени места за паркирање одобрени со одлука на Советот на Дебар, тешко можат да ги најдат слободни, бидејќи на тие места се паркираат автомобили на печалбарите или на граѓани на Дебар. За време на наведените периоди од годината двојно се зголемува бројот на автомобили во Дебар кога се присутни печалбарите од Дебар но и од Долна Река и Жупа.
  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG