Достапни линкови

Укината социјална помош


Семејството Неданоски едвај преживува
Семејството Неданоски едвај преживува

На над 1000 домаќинства во Прилеп им е прекината социјална помош за октомври бидејќи евидентираниот приход бил поголем од месечната сума која ја добиваат како социјална помош.

Седумдесет и шестгодишна старица неподвижна лежи во кревет, со склероза. Нејзиниот сопруг-врсник со преживеан мозочен удар едвај се движи низ малата куќарка во која деновиве падна таванот поради дождот. А, синот на 40-ина години без работа не знае кој крај да го фати да ги прехрани родителите и себе си. Немаат ни доволно огрев за зимава, ни пари за лекови, ниту за храна. Живеат на гол под што се вели, на земја, а во дворот кал до коленици. Вака опстанува семејството Неданоски во прилепското село Крушеани. На раб на својата егзистенција, во хаосот на сопствените маки и страдања.
Се наоѓам моментално во најголемата тешкотија, што немам веќе никаков услов за живот, не добивам парична помош. Добивав 1750 денари, ми ја укинаа, мала сума, ми нашле мал приход и сега не ми се следувало да добијам.


„Се наоѓам моментално во најголемата тешкотија, што немам веќе никаков услов за живот, не добивам парична помош. Добивав 1750 денари, ми ја укинаа, мала сума, ми нашле мал приход и сега не ми се следувало да добијам. А не ми ја знаат тие каква ми е положбата, во каква тешкотија живеам. Да утврдат дали треба јас да земам социјална помош или не треба“, вели синот Живко Неданоски.

Неговиот соселанец Роберт Стеваноски исто така се соочува со голема мака. Има три деца, а ниту тој, ниту неговата сопруга се вработени. Неговите родители пак не добиваат денар пензија. Вели, иако не се ни денар побогати од минатиот месец, туку напротив се посиромашни, останаа без социјална помош.

„Незадоволен сум поради социјалната помош што ми е укината, сум седумчлено семејство, немам никакво примање и не знам како ќе живеам, ни како ќе опстаниме за леб, за млеко за децата.“

На другата страна од селото живее Виолета Граороска. По смртта на
Незадоволен сум поради социјалната помош што ми е укината, сум седумчлено семејство, немам никакво примање и не знам како ќе живеам.
нејзиниот сопруг таа е глава на семејството, но откако и е стопирана социјалната помош вели нема излез. Иако минимални, парите што ги земала, таа со нив намирувала одредени потреби за своето тричлено семејство.

„На ливчето пишуваше дека 5000 денари месечно ни паѓа просек, а јас одма тие пари ги дадов за струјата. Сега треба да купам слогови, треба предвреме да дадам пари да купам нива, па ако сакам да садам нешто. Струјата не ми е доплатена, мажот ми почина“, плаче зборувајќи за својата мака Граороска.

А, во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп, велат дека не само 50-те семејства во Крушеани, туку над 1000 домаќинства во Прилеп и двете помали општини Кривогаштани и Долнени им е прекината социјална помош за октомври. Тоа се корисници кај кои е евидентиран приход поголем од месечната сума која ја добиваат како социјална помош.

„Овој пат, престанокот е по основ на приход и согласно со Законот за социјална заштита во такви случаи не е задолжителен увидот, затоа што записникот по увид битно не менува во носењето на одлука“, Истакнува Снежана Јованоска, директор на прилепскиот центар за социјална работа.

Според статистичките податоци, во октомври околу 2600 домаќинства се корисници на социјална помош, што е речиси двојно помалку во однос на перодот пред 5 години. Но, од тогаш до денес социјалната слика кај овие семејства не се подобрила, затоа што Прилеп и натаму живее во економски колапс. Но, како што велат од МЦСР подобрени се механизмите за контрола, затоа семејствата останаа без социјални пари.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG