Достапни линкови

Неделен печат


Весници, магазини, неделници, печат
Весници, магазини, неделници, печат

„Живееме во едноумие кое симулира плуралност“, „Нашиот Санадер ќе се вика Груевски или Црвенковски?“ - дел од насловите во македонските неделници.

Најновиот број на Глобус објавува интересна анализа за состојбата на политичкиот дух кај македонските граѓани, поточно за граѓанската пасивност, која се сведува на базична грижа за материјално преживување и благосостојбата на себеси и на своето семејство. Авторот на текстот со наслов: „Живееме во едноумие кое симулира плуралност“ ги објавува размислувањата на двајца млади интелектуалци, Катерина Колозова, професор и декан на Институтот за општествени и хуманистички истражувања - ЕвроБалкан и магистер Анастас Вангели, политиколог.
Поентите на нивните анализи за свеста на македонскиот граѓанин се сведуваат на тоа дека Македонија никогаш не излегла од тоталитарната култура на политички живот, а граѓанинот не успеал да се изгради во храбар субјект кој полага право на компетентна критика и менување на структурите на моќ, и дека за разлика од кај нас, во светот е замрено времето на митинзи, а луѓето бараат нови форми на здружување, преку кои ќе предизвикаат општествени промени. Граѓаните во Македонија, заклучува авторот на текстот во Глобус, наместо актери, многу повеќе имаат улога на странци кои не се во никаков однос со главните политички случувања.

Кој е нашиот Санадер?

„Нашиот Санадер ќе се вика Никола Груевски или Бранко Црвенковски?“, прашува на насловната Фокус, за во текстот со поднаслов: „Од партиско до злосторничко здружување“, да направи паралела на многубројните судски процеси во Хрватска против министри, директори и самиот експремиер Санадер со заканите на македонската опозиција за своевиден Нирнбершки процес против Груевци.



Но, забележува авторот на текстот, ова ’жолто сценарио‘ би можело да се реализира откако Бранковци ќе станат власт. Затоа, пак, нема да изненади доколку се остварат портокаловите шпекулации дека во блиска иднина актуелната гарнитура со нирнбершка иднина ќе уапси некоја ептен крупна ѕверка. Покрупна од Бранко во опозицијата - нема, заклучува Фокус и додава: „Не ќе да е, Грујо да си уапси некој близок од фамилијата?!“.

Бајруш Сејдиу и судството!

Тема за опсервирање на Форум е судството во државава, кое на насловната го нарекува корумпирано судство. Форум во одвоен текст го анализира случајот Бајруш Сејдиу кој, како што пишува, предизвика скандалозни пресуди и контрадикторни изјави на претседателите на Апелацискиот и на Врховниот суд, а во едиторијалот насловен со „Сликата за третата власт“ пишува: „Наместо да ужива углед како трета власт, независна, непристрасна и ефикасна, сликата за судството е сосема обратна, а за тоа не се виновни граѓаните. Тие имаат полна меморија на контроверзни судски одлуки, на судења во неразумен рок, на еден куп тужби во Стразбур. Тоа, сепак, е заслуга на судиите“, нагласува Форум.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG