Достапни линкови

Западниот Балкан важен за НАТО


Утре во Лисабон започнува самитот на НАТО
Утре во Лисабон започнува самитот на НАТО

Домашните експерти сметаат дека поради се уште присутните ризици, Западниот Балкан останува сфера на интерес на Алијансата.

И покрај тоа што интересите и улогата на НАТО се менуваат, Македонија и натаму останува сфера на интерес на Алијансата. Познавачите на оваа област велат дека западниот Балкан е важен за НАТО, иако не постојат сериозни безбедносни предизвици за овој регион.
Иако не постојат сериозни безбедносни ризици во смисла на можност за класична војна во овој регион, сепак постојат ризици во смисла на внатрешни недоразбирања и можни внатрешни кризи во земјите од овој регион


„Иако не постојат сериозни безбедносни ризици во смисла на можност за класична војна во овој регион, сепак постојат ризици во смисла на внатрешни недоразбирања и можни внатрешни кризи во земјите од овој регион. Истовремено со заостануањето на економски план, НАТО има интерес да делува во овој регион“, изјави воениот аналитичар Благоја Марковски.

Упатените објаснуваат дека НАТО во 21 век се повеќе заличува на поопшта организација во која значајно место ќе имаат и други теми, а не само воено-безбедносните.


„Се повеќе значајно место ќе заземаат досега некои поопшти теми од страна на Алијансата, како што се климатските промени, енергетската безбедност, сигурно во идинина уште повеќе ќе се зајакнуваат односите меѓу НАТО и Русија, гледате дека деновиве има многу позитивни сигнали на тие две страни“, изјави професорот Никола Дујоски од Факултетот за безбедност.
Терористичките организации многу брзо знаат да се поврзат и многу брзо да дејствуваат на било кој регион во светот, па од тој аспект Балканот, посебно Западниот Балкан е интересен за НАТО структурите.

Претстојниот самит не треба да не охрабрува или обесхрабрува, бидејќи истиот има за цел трансформација на Алијансата во согласност со новите предизвици од типот на неконвенционалните можни закани за безбедноста, спротиставување на терористички активности и организиран криминал, велат експертите:

„Тероризмот не познава граници, терористичките организации многу брзо знаат да се поврзат и многу брзо да дејствуваат на било кој регион во светот, па од тој аспект Балканот, посебно Западниот Балкан е интересен за НАТО структурите.“

Експертите велат дека учеството на Македонија во меѓународните мировни мисии и професионалното извршување на задачите на нашите војници ја доближуваат земјата до вратите на НАТО и и даваат право да ги ползува безбедносните гаранции на оваа организација. На утрешниот самит во Лисабон, државата ќе ја претставува и македонска делегација во состав претседателот Ѓорге Иванов и министрите за надворешни работи и одбрана Антонио Милошоски и Зоран Коњановски.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG