Достапни линкови

Крај на сонот за средната класа


САД - редици за вработување
САД - редици за вработување
Идеологијата која им овозможи на милиони Американци да живеат богато врз основа на евтино плаќање и лесни кредити веќе е минато. Но кој да им го каже тоа? Ова се наведува во написот на весникот Гардијан за осиромашувањето на американската средна класа што дојде како последица од економската криза.

Во Атланта, луѓе чекаат под сенките на дрвјата на еден паркинг за да бидат најмени на градежни работи за што ќе добијат десет долари за час. Хуманитарниот центар во истиот град е полн со поранешни службеници, сметководители, компјутерски техничари. Тие се без работа неколку месеци, некои и неколку години. Хуан и Кениода Пулен плаќаат кирија за домување, но некогаш тоа не можат да си го дозволат. Откако ја загубија работата, поштар и банкарски службеник, нивните годишни приходи се спуштија од 75 илјади на 14 илјади долари. Запрашани дали се уште се гледаат како средна класа тие одговораат потврдно иако, како што велат, не се сигурни што тоа и навистина значи.

Американската средна класа беше градена на идеологија и на сон. Сега таа исчезнува. Животниот стил што се одржуваше 30 години со големи задолжувања се растури со секнување на кредитите. Прашањето што ја надминува и кризата е дали тој стил некогаш ќе се врати? Според последните статистички податоци, тоа ќе биде многу тешко. Од декември 2007 година, повеќе од 6 милиони Американци се најдоа под границата на сиромаштијата. Тоа води и до сомневање колку терминот средна класа е реален. Впрочем, и етикетата работничка класа некако не се вклопува. Имено, во САД таа означува избор на синдикален активизам или на поддршка на некој бејзбол тим, а не и социолошка категорија. Овој ненадеен колапс во стилот на живеење ќе има економски и психолошки влијанија долго по завршувањето на кризата.
Тие мислат дека кредитот го покажува карактерот; лош кредит е еднаков на лош карактер


Од 80-тите години развојот во САД доаѓаше од потрошувачката моќ на платената работна сила. За да се врати претходната состојба, Соединетите Држави мора да најдат начин да создадат девет милиони работни места и повторно да го отвораат кредитниот систем за милиони луѓе кои сега се исклучени од него. Изјаснувајќи се против тоа, фискалниот стимуланс на претседателот Барак Обама не успеа.


САД - Зградата на федералните резерви

Хуан Пулен вели дека тој добил отказ, бидејќи работодавачот го проверил неговиот кредитен рејтинг:

„Тие мислат дека кредитот го покажува карактерот; лош кредит е еднаков на лош карактер“, вели тој.

Така, во неможност да позајми или да заработи една цела генерација е исклучена од американскиот начин на живот. Во кампањата за престојните избори за Конгресот, политичарите ветија дека ќе направат нешто за средната класа. Најдоброто нешто е да им ја кажат вистината: Американците имаа животен стил на средна класа врз платите на работничката класа, а долговите се премостуваа со кредити. И сега тоа заврши. Во општество со слободен пазар вистинската средна класа е секогаш малцинство: ако вашата улица има порта и безбедносна камера на крајот тогаш сте средна класа. Вие сте таму и ако децата можат да си дозволат високо образование, ако не прескокнувате оброци или не го наоѓате својот автомобил во сервис поради неплатени сметки. Па дури и во Америка, ако стоите со 30 други луѓе за работа на неколку часа, средна класа е човекот кој ве најмува, а не вие, се заклучува во текстот објавен во Гардијан.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG