Достапни линкови

Работнички-Ливерпул 0-2


Македонски навивачи на Ливерпул
Македонски навивачи на Ливерпул

И вториот состав на Ливерпул се покажа пресилен за Работнички кој играше пред 22 илјадна публика на Филип Втори во Скопје

Работнички на домашен терен изгуби од Ливерпул со 2-0, во првиот меч од третото квалификациско коло за Лигата на Европа. Францускиот напаѓач Давид Н‘Гог беше стрелец на двата гола – по еден во секое полувреме. Првиот гол го постигна во 17 минута по грешка на одбраната на Романтичарите. Конечниот резултат Н‘Гог го постави во 59 минута, по асистенција на Мартин Кели.
Иако, Ливерпул дојде на Арената Филип 2, без најголемите ѕвезди, се чини дека Работнички беше лесен залак и за нивниот втор тим.

На преполниот стадион, пред околу 22 илјади гледачи, новиот тренер на Ливерпул Рој Хоџсон дебитираше со победа. Тој рече дека е задоволен од играта и од резултатот на неговиот тим.

„Н‘Гог одигра за мене, тој ја круниса својата одлична игра со два гола, а тоа им треба на напаѓачите. Среќен сум од играта и од резултатот, но не сум решил кој ќе игра на Енфилд во реваншот“, рече Хоџсон, по мечот.
Продавач на навивачки реквизити со шал на кој ги пишува имињата на фудбалските клубови Работнички и Ливерпул

Тренерот на Работнички Зоран Стратев вели дека потајно посакувал позитивен резултат, но дека Ливерпул е пресилен противник за македонски тим.

„Ливерпул е Ливерпул, класа за нас, па и без првотимци е посилен. Ова е рангот на македонскиот фудбал и треба да се признае. Мислам дека моите играчи беа премногу импресионирани од Ливерпул. Јас во одредени делови од мечот сум задоволен како игравме, но кажав, ние ќе го дадеме максимумот, но ќе видиме дали е тоа доволно или не, а се покажа дека против Ливерпул е недоволно“, рече Стратев.

Реванш мечот се игра наредниот четврток на Енфилд Роуд во Ливерпул.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG