Достапни линкови

Неделен печат


Весници, неделници, магазини...
Весници, неделници, магазини...

,,Фокус" цитира изјава на ексминистерот за внатрешни работи Љубе Бошковски кој тврди дека 90% од оние кои уверуваат дека го основале ВМРО-ДПМНЕ биле шпиони на УДБА! Согласно традицијата за патриоти и предавници, пишува неделникот, на прославата на 30-годишнината на владејачката партија веројатно Груевски ќе биде најтемниот лик од новата вмровска историја.

Се премислував, почитувани, со кој неделник да го почнам прегледов, дали да се придржувам кон извесни професионални мерила за актуелност, демек она што ја засега државата, или она што има примеси на сензационалност и затоа е поатрактивно за читателите и за слушателите. И се решив за ова второво. Ме привлече насловната на ,,Фокус,, на која се цитира екс-министерот на полицијата, Љубе Бошковски, кој тврди дека 90% од оние кои уверуваат дека го основале ВМРО-ДПМНЕ биле шпиони на УДБА! Согласно традицијата за патриоти и предавници, пишува неделникот, на прославата на 30-годишнината на владејачката партија веројатно Груевски ќе биде најтемниот лик од новата вмровска историја. Па продолжува: Да кажеше некој пред една деценија дека тогашниот неприкосновен лидер Георгиевски на 20-годишнината ќе биде персона нон грата за вмровците – сигурно ќе го прогласеа за луд. Арно ама, оние што тогаш се лигавеа околу него, денес не бираат зборови да го оцрнат. Е, па, ако тоа можеше да го снајде првиот претседател, тогаш нема причина да не веруваме дека на 30-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ токму Груевски ќе биде верглан како еден од најтемните ликови на современата вмровска историја. И тоа, бидете уверени дека тоа ќе го прават истите кои денес стојат мирно, дури кога и на телефон зборуваат со него, порачува ,,Фокус,,. Ќе имаме интересно лето, барем кога е во прашање политиката, пишува неделникот ,,Форум,,. Македонија извиси од агендата на ЕУ поради спорот со Грција, а се' поизвесно е дека ДУИ ќе ја напушти Владата до крајот на летото. Ова за неделникот го тврделе дипломатски извори, а неофицијално го потврдувале и високи извори од партијата. ДУИ ќе ја напуштела владата, а како главни аргументи за тоа ќе ги посочела закочените евроинтеграции, влошените меѓуетнички односи и лошата економска состојба. Доколку ДУИ ја напушти владината коалиција, тогаш речиси е сигурно дека државава наесен ја очекуваат предвремени избори, заклучува ,,Форум,,. Во најновиот број неделникот ,,Глобус,, се занимава со висината на сумата потрошена на споменичните обележја и анализира како се трошат државните пари од буџетот, поточно, заклучува дека точната сума ќе се дознае кога ќе си замине оваа власт. ,,Да беа од злато немаше толку да не' чинат,, извикува во насловот на статијата авторот на текстот за потоа да констатира дека на народот му се презентираше една бројка за цената на спомениците, а сега излегува дека тоа е само ,,површината,, на едно Ел Дорадо за многу учесници во, под наводници, ,,патриотската мисија,,. ,,Глобус,, исто така открива дека главните фирми кои ги работат постаментите за спомениците, вредни над 200 илјади евра, се ,,Конструктор инженеринг,, од Сплит и ,,Крин,, од Прилеп, додека досега, пишува ,,Глобус,, јавноста знаеше дека лавовскиот дел го зема ,,Бетон,, фирма која генерално остана со покуси ракави!
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG