Достапни линкови

Неделен печат - „Македонија во смртната прегратка на `патриотите`“


Весници, неделници, магазини...
Весници, неделници, магазини...

Под овој наслов неделникот Глобус донесува текст за неодамнешната прослава на годинешнината од формирањето на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и говорот на премиерот Груевски. Форум, пак, пишува за протестот на стечајците и нереагирањето на полицијата на хаосот што го предизвика протестот.

Неделникот Глобус, уште на насловната страница ја најавува својата главна тема: „Случувањето на македонскиот Газиместан - Македонија во смртната прегратка на ’патриотите’“. Повод за текстот во овој неделник е неодамнешната прослава на годишнината од формирањето на Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ во Универзалната сала во Скопје. Таму, пишува Глобус, немаше „комити“ со кама и со Свето писмо, туку млади партиски војници со јапиевски изглед, но културно-уметничката програма за билдање на националниот занес на присутните, повикувањето на ритуално збивање на редовите пред клетите непријатели и, особено, говорот на неприкосновениот лидер, докажаа дека преродбата е само гола шминка, смета неделникот. Глобус завршува со дилемата: дали сето она што се случува во Македонија е резултат на некадарните политичари кои сакаат да си ги наполнат џебовите пред да ја дотолчат идејата за суверена Македонија или станува збор за прецизен план за декапацитирање на државава на сите полиња, план создаден од вешти играчи кои точно знаат што прават.

Фокус: „Груевски мора да биде дигнат на клоци од оние што го креваа на раменици“

Уводникот на Фокус е насловен: „Груевски мора да биде дигнат на клоци од оние што го креваа на раменици“, за веднаш потоа авторот на текстот да ги предупреди читателите дека тој немал намера да му го земе лебот на Миленко и дека не заговара одреди за буквално шутирање на Никола Груевски и неговата, како што пишува, распашана дружина. Нормално - вели авторот, “мислам на политичка шут карта. И тоа од оние што го креваа на раменици. Значи, ниту Американци, ниту Албанци. Неговиот пад мора да биде резултат на цврста политичка одлука на Македонците. На избори, за потоа да не глуми Че Гевара по улиците“, пишува Фокус. Премиерот не е во состојба да сфати дека приоритет на гладниот човек е храната, а не џинџурењето на скопскиот Плоштад. Божемната преродба на економијата беше јадицата за првите избори во 2006, а на ред е расчистувањето со заблудата која му донесе убедливо мозинство во 2008, а со неа треба да се справи македонскиот народ, смета уводничарот на Фокус.

Форум: „Полицијата си дремеше од страна и си гледаше сеир како граѓаните нервозно им се противставија на стечајците“

Од најновото издание на Форум, се определувам за еден од твитовите што ги објавува овој неделник. Оној за стечајците: „Стечајците оваа недела пак го блокираа Скопје, а полицијата си дремеше од страна и си гледаше сеир како граѓаните нервозно им се противставија на стечајците. Во таа нервоза некој извадил нож и полицијата дури тогаш реагирала“, пишува во твитот. Значи, само кога ќе дојде нож до коска - ќе се реагира. Во меѓувреме, Владата на Груевски повторно се задолжи, тие не можат без пари – ним пари им требаат- пишува сатирично авторот на твитот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG