Достапни линкови

Дневен печат – Македонија ја нема во заклучоците на Самитот на ЕУ


Утрински, од извори во Брисел дознава дека Македонија ја нема во заклучоците на Самитот на ЕУ. Нова Македонија пишува – „Забелешките исти, препораката под прашалник“

Македонија ја нема во заклучоците за Самитот на ЕУ на 17 јуни, ја пренесува Утрински информација за која вели дека е официјална, дознаена од извори во Брисел. Последна шанса Македонија да се најде на агендата ќе биде на министерско ниво, ако воопшто се отвори како тема, додава Утрински. Нова Македонија, исто така, пишува за ова под наслов „Забелешките исти, препораката под прашалник“ наведувајќи дека корупцијата, партизацијата во администрацијата, нереформираното судство и непостоењето политички дијалог лани биле услов за почнување на преговорите, при што, некако, сме добиле препорака, но без датум, а годинава, нивното неисполнување се закана за повлекување на одлуката на ЕК.

Дневник и Утрински објавуваат дека Владата ги отфрлила обвинувањата од страна на СДСМ дека со нови 30 илјади вработувања продолжува да ја партизира администрацијата, правдајќи се дека станува збор само за 5 илјади веќе вработени со договор на дело,
Портокалова револуција и во судството.
кои по препорака на ЕК требало да бидат вработени на неопределено време. За „Портокалова револуција и во судството“ информира Утрински, известувајќи од собраниската седница на која се разгледуваше годишниот извештај на Судскиот совет. Седуммина пратеници од опозицијата имаат добиено пресуди за клевета со што се докажува дека судството е продолжена рака на власта, ги пренесува весникот зборовите на Горан Мисовски од НСДП искажани од собраниската говорница.

Утрински критички информира за промоцијата на повлечената енциклопедија на МАНУ од страна на академик Блаже Ристовски во Украина, пренесувајќи дека и Академијата се оградила од неовластената промоција. Вечер, пак, од друга страна, пишува дека цитирам, „некои академици се откажаа од своите дела за да им угодат на Албанците, но некои останаа да ја слават Македонија низ светот – промоција на македонската енциклопедија во Украина“.

Време и Утрински иронично забележуваат дека откако се виде дека не оди лесно со полнењето на слободните зони со фабрики, сега Владата ќе ги дава под закуп. Време потсетува дека во единствената технолошко - индустриска зона што проработи - Бунарџик од најавените инвестиции се видливи само две, а дека зоната во Штип е уште во фаза на доизградба на инфраструктурата.

Нова Македонија информира дека пристигнале дебелите фактури на адреса на Владата што треба да ги плати за камати и дел од главницата врз основа на домашното и надворешното задолжување – во април Владата на Груевски повлекла 36 милиони евра од буџетот за таа цел. Вкупната сума за оваа година изнесува 186, 5 милиони евра, потсетува Нова Македонија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG