Достапни линкови

Србија се извини за Сребреница


Собрание на Србија
Собрание на Србија

Српскиот парламент усвои Декларацијата за осуда на злосторството во Сребреница во јули 1995 година, кога српските сили убиле околу 8 илјади Бошњаци. Декларацијата што ја предложи владејачката коалиција, предводена од Демократската партија на претседателот Борис Тадиќ е усвоена со 127 гласови во парламентот во кој има 250 пратеници.

Во Декларацијата, усвоена по целодневна расправа, се изразува сочувство и извинување до семејствата на жртвите, бидејќи, како што се нагласува, не било преземено се што е потребно за да се спречи масакрот во Сребреница. Како и да е, во резолуцијата не се спомнува терминот геноцид. Документот беше поддржан од владејачката прозападна коалиција која смета дека ваквиот потег ќе помогне во заздравувањето на регионот, како и на напорите на Србија да стане членка на Европската унија.

„Декларацијата што пред малку ја усвои Собранието на Србија е само почеток од едноставна причина што темата која се обработува во неа е врв на ледениот брег на минатото со кое мора да расчистиме. Имено ваквите злосторства не смееме да им ги оставиме во наследство на генерациите кои доаѓаат“, изјави членот на владејачката коалиција и лидер на социјалдемократите Ненад Чанак.

Пратениците на Српската радикална партија и другите опозициони партии кои во текот на расправата негираа дека во Сребреница се случило злосторство и ги обвинуваа приврзаниците на декларацијата за предавство на српскиот народ, ја напуштија седницата пред гласањето. Според нив, декларацијата била срамна и неправедна.
Декларацијата што пред малку ја усвои Собранието на Србија е само почеток од едноставна причина што темата која се обработува во неа е врв на ледениот брег на минатото со кое мора да расчистиме. Имено ваквите злосторства не смееме да им ги оставиме во наследство на генерациите кои доаѓаат.

„Оваа декларација е очигледно плод на притисокот што го трпи нашата држава, а владејачкото мнозинство е подготвено да го прифати и да го изложи српскиот народ и државата Србија на несогледливи последици“, изјави радикалот Драган Тодоровиќ.

Овој став го делат босанските Срби во Република Српска, кои велат дека и тие биле жртви на воени злосторства од страна на Бошњаците и на босанските Хрвати. Според Славко Јовичиќ, пратеник во босанскиот парламент, декларацијата ќе предизвика тензии во регионот.

„Имам право во име на жртвите од мојот народ, отворено и јасно да кажам дека додека сум тука, тоа не може да биде прифатено. Ве уверувам дека со ова нема да се постигне мир, туку одиме кон нови судири од несогледливи размери.“

Во меѓувреме, како што велат дел од преживеаните од масакрот во Сребреница, српското извинување во кое не се спомнува терминот геноцид претставува навреда за целиот случај. Најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна беше изведено од војници на босанските Срби под команда на генерал Ратко Младиќ по кого се уште трага Хашкиот трибунал.

„Еве не 11 јули 1995 година во српска Сребреница во пресрет на уште еден српски празник. Му го подаруваме на српскиот народ овој град и конечно дојде моментот да им се одмаздиме на Турците на овие простори“, изјави Младиќ при влегувањето во Сребреница, град кој тогаш беше под заштита на Обединетите нации.

Неговото апсење и предавање на Хашкиот трибунал е услов за српската евроинтеграција. Многумина сметаат дека тој се крие во Србија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG