Достапни линкови

Неделен печат – Македонско политичко милје


Македонски весници
Македонски весници

Неделникот „Фокус“ во најновиот број донесува анализа за случувањата во редовите на власта. Според весникот, наесен ќе следат избори без оглед на исходот на спорот со Грција. „Форум“, пак, под наслов „Избледена харизма“ прави анализа за случувањата во опозиционата левица.

За нашето политичко милје – анализираат во своите најнови изданија неделниците кои ние ги одбравме да ви ги презентираме. За разединетата десница пишува Фокус во својот уводник, тврдејќи дека на есен сигурно ќе имало избори, без оглед на исходот на спорот со Грција и на нив Груевски можел да очкува само чесен пораз. А, на десницата врие, пишува неделникот. Мијалков и Керим кројат планови за „техничко рушење на Груевски“. Груевски не запира со рафалната стрелба по Бошковски. Филип Петровски неовластено посака обединување со Љубчо, за што доби итен укор од Љубе. Таман тоа се заборави, ете ти нова вест: Филип се сретнал со Мијалков, Ауу, вест во низа: и Љубчо повторно разговарал со Груевски…Баш ме интересира, прашува авторот во уводникот на Фокус, кој ли ќе остане труден по овој групен секс меѓу вмровците од сите бои и табиети?

За разбиената левица, пак, пишува Форум во анализата со наслов „Избледена харизма“. Вели, лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски помпезно го најави враќањето на лидерската позиција ветувајќи дека ќе ја порази политиката на Груевски . Една година подоцна, забележува Форум, се виде дека Црвенковски не ја загрози власта, туку само ја ослабна опозицијата. На внатрешно-партиски план, продолжува неделникот, Црвенковски донесе нови ликови, многумина непознати и за самото членство, а дел од долгогодишните најистурени играчи ги стави под мраз. Му успеа дури и дел од членството, и некои од основачите на партијата, да ги сврти против себе. На вториот фронт – обединувањето на опозицијата резултатите се речиси катастрофални. Тој формира опозициски фронт, но со партите што ги собра околу себе се чини повеќе како фронт на симболизам, отколку како реална сила. Највидлив резултат на окрупнувачкиот поход на Црвенковски е што им ја растури пратеничката група на ЛДП и од довчерашните сојузници создаде нова опозиција против себе. Се' на се', на опозицијата, чиј предводник требаше да биде Црвенковски, тешко и оди враќањето на политичката сцена, заклучува Форум.

И на крајот, но не и како најмалку важно, анализата на Глобус за нашата позиција во преговорите со Грција. Таа е без суштински промени, пишува неделникот и додава дека Македонија никогаш не била во олку тешка преговарачка позиција и никогаш не била исправена пред ваква рамнодушност на меѓународната заедница околу спорот за името. Место во дефанзива, поради крајно тешката економска ситуација, Грција успева да ги координира и потезите на официјална Софија која мудро гради свој случај околу Македонија во Брисел и таа треба да ги поткрепи грчките тези дека Македонија е проблемот во регионот, а не нејзините соседи. Случајот со Спаска Митрова, за кој во ЕУ знаат дека Македонија е чиста, но молчи на писмата и поплаките од Бугарија, и дава сила на Софија да ни поставува услови и да добие поддршка од Унијата во остварувањето на своите цели кон Македонија, односно бугарско-македонските односи да станат услов како што е спорот со Грција, заклучува во својата анализа Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG