Достапни линкови

Уапсени 14 луѓе осомничени за шверц со емигранти


Macedonia -- Border guards, 23Dec2010
Macedonia -- Border guards, 23Dec2010

Македонската полиција уапси 14 луѓе осомничени за шверц со емигранти. Полицијата ги сомничи уапсените дека, преку македонска територија, нелегално пренесувале албански емигранти во Грција. Од полициски извори дознаваме дека се уапсени луѓе од Струга, Охрид, Битола, Скопје и Гевгелија. Тие се осомничени дека се дел од меѓународен канал за трговија со луѓе.

Македонската полиција уапси 14 луѓе осомничени за шверц со емигранти. Полицијата ги сомничи уапсените дека, преку македонска територија, нелегално пренесувале албански емигранти во Грција.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска најави дека денеска, МВР ќе поднесе кривична пријава против 19 луѓе, од кои 17 македонски и двајца албански државјани.
Полициската акција траела шест месеци.
Меѓу уапсените има луѓе од Струга, Кичево, Охрид, Битола, Скопје и Гевгелија. Тие се осомничени дека се дел од меѓународен канал за трговија со луѓе.
Министерката Јанкулоска информира дека во 50 наврати, групата прокриумчарила 120 албански државјани. За криумчарењето, тие наплатувале од 2.000 до 2.500 евра, по човек.
Осомничените утрово се изведени пред Истражен судија.
Полицијата соопшти дека при извршените претреси пронашла еден мигрант-албански државјанин. Одземени се и пет патнички возила, оружје, муниција, дрога и пари.
Експертите за безбедност велат дека криумчарите ја користат македонско-грчката граница затоа што претпоставуваат дека таа граница може полесно да се премине отколку албанско-грчката граница.
Во повеќе предели таа граница се обезбедува физички, но и со техника, па и со минско-експлозивни направи.

Професор Душко Стојановски е поранешен началник на националното биро на Интерпол во Македонија. Тој вели дека шверцот со луѓе и други недозволени стоки низ Македонија бил изразено развиен за време и по конфликтот од 2001 година. Ситуацијата сега е далеку подобра, вели Стојановски.

„Гледаме дека нашата полиција дава резултати. Факт е дека македонско-грчката граница е ридско-планинска, што на одреден начин им оди на рака на криминалците кои работат со шверц на луѓе, затоа што полесно се преминува границата низ тешки предели.“

Професор Стефан Буџаковски, пак, вели дека, освен поради погодниот терен, албанските емигранти ја користат Македонија за транзит, поради подобрата обезбеденост на грчко-албанската граница.

„Во повеќе предели таа граница се обезбедува физички, но и со техника, па и со минско-експлозивни направи.“

Професор Стојановски вели дека Македонија е атрактивна за шверцерите на луѓе токму поради тоа што се граничи со земја членка на Европската унија.

„Ние сме директен сосед на Грција којашто е членка на Европската Унија и од каде што може полесно да се замине во Западна Европа, иако Грција не е баш крајната дестинација и таа е транзит како нас.“
Тука е и Интерпол, но главно ефикасната борба против ваквиот криминал лежи на македонските полициски служби


Буџаковски вели дека шверцот со луѓе вообичаено го спроведуваат меѓународни организирани групи и затоа е неопходна соработка со полициите на соседните држави.

Стојановски се согласува со тоа и вели дека од средината на 90-тите Македонија е членка на иницијативата СЕКИ и соработува со полициите од југоисточна Европа.

„Нормално, тука е и меѓународната соработка преку Интерпол, меѓутоа, главно ефикасната борба против ваквиот криминал лежи на македонските полициски служби.“

Слично како и другите балкански земји, Македонија е обврзана да се бори против трговијата со луѓе, како дел од напорите за приближување до ЕУ.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG