Достапни линкови

Украина пред изборни протести?


Во Украина се зголемуваат страхувањата за судбината на вториот круг од претседателските избори што треба да се одржи в недела. Претседателот во заминување Виктор Јушченко вчера потпиша закон за промена на правилата за гласање. Премиерот Јулија Тимошенко смета дека тоа ќе му овозможи на нејзиниот ривал да ги фалсификува резултатите и ги повика украинците на протести.

Премиерот Јулија Тимошенко повика на втора Портокалова револуција доколку нејзиниот противник ги фалсификува претседателските избори кои би можело да ја одредат иднината на земјата. Таа го направи тоа откако претседателот во заминување Виктор Јушченко донесе нов закон со кој се укинува условот набљудувачи од двете страни да ги одобруваат резултатите на секое избирачко место. Легислативата беше иницирана и усвоена во парламентот по барање на промосковскиот кандидат Виктор Јанукович, кој и е ривал на Тимошенко. Според неа, овој закон е смртна казна за украинската демократија.

,,Овој закон, кој во суштина беше донесен вонредно, на два дена пред гласањето, ги менува сите правила за изборите. Ова го отвора патот кон целосно нивно фалсификување.,,

Тимошенко изјави дека законот ќе им овозможи на властите во деловите на земјата, контролирани од Партијата на регионите на Јанукович да ги отфрли веќе наименуваните набљудувачи и да ги замени со нејзини.

Украина, според аналитичарите, е бојно поле за влијание меѓу Русија и Западот. Москва отворено го поддржа Јанукович во 2004 година, кога поранешниот комунистички претставник ги загуби претседателските избори откако стотици илјади украинци излегоа на улиците во таканаречената Портокалова револуција.

Тимошенко, која вели дека сака да ја воведе Украина во Европската унија го обвини Јанукович за подготовка на изборна измама, бидејќи, како што изјави, тоа бил единствениот начин тој и да победи на изборите.
Овој закон, кој во суштина беше донесен вонредно, на два дена пред гласањето, ги менува сите правила за изборите. Ова го отвора патот кон целосно нивно фалсификување.


Јанукович ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека неговата ривалка сфатила оти веќе ги загубила изборите. Во прилог на тензиите е и фактот што Јушченко, некогашниот сојузник на Тимошенко во Портокаловата револуција ја поттикна конфронтацијата со потпишување на законот на два дена пред изборите.

,,Претседателските избори се соочија со закана од прекинување и заради тоа претседателот Јушченко го потпиша амандманот на законот за претседателските избори кој беше усвоен во парламентот.,,

Изјави Ирина Вањикова портпарол на украинскиот претседател. Клас Бергман, директор за комуникации во Парламентарното собрание на ОБСЕ, изјави дека мисијата не е за менување на изборните правила меѓу двата круга,

,,Во таа смисла, парламентарната одлука е несреќна, бидејќи фрла сенка врз текот на изборите и затоа мислиме дека е сосема непотребна.,,

Аналитичарите велат дека сегашната војна со зборови би можело да ескалира и меѓу државните агенции лојални на едниот или на другиот кандидат. Претставник на Министерството за внатрешни работи лојален на Тимошенко изјави дека хотелските соби во близина на Киев се полнеле со поддржувачи на Јанукович кои биле подготвени да протестираат доколку не бидат задоволни од резултатите. Сепак, повеќето веруваат дека Украинците се премногу разочарани и од двајцата кандидати за да ги повторат масовните протести од Портокаловата револуција.

За Тимошенко! За Јанукович!
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:26 0:00
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG