Достапни линкови

Дневен печат – Струен удар


Медиумите изминативе денови главно се занимаваат со најавеното покачувње на струјата и парното од Нова Година. Повеќето од медиумите ги пренесоа и тврдењата на стопанствениците дека ова ќе донесе бран поскапувања на повеќе производи и услуги.

Од економија до политичко-партиски превирања, тоа би бил заедничкиот именител на темите што домашните медиуми, главно, ги обработуваа во изминативе денови. Струен удар врз џебот, информира ,,Дневник,, со овој наслов за поскапувањето на струјата од Нова Година за речиси 10%, како и на парното во различни проценти за домовите и за деловните субјекти. Повеќето од медиумите ги пренесоа и тврдењата на стопанствениците дека ова ќе донесе бран поскапувања на повеќе производи и услуги кои, пак, најмногу ќе ги почувствуваат граѓаните по своите џебови. Во истовреме, ,,Време,, пишува дека Владата била без ,,скршен денар,, и дека буџетот не се полнел според очекувањата: Неофицијално од една милијарда, колку што изнесува внатрешниот долг, дури 700 милиони евра од тоа е долг на државата кон фирмите, забележува ,,Време,,. ,,Утрински,, информира дека дел од вакцините против новиот грип ќе завршат на отпад. Весникот ги пренесува потврдите од Институтот за јавно здравје дека дел од вакцините завршува на депонија поради малиот интерес на граѓаните за вакцинирање. За набавка на вакцини државата потроши околу 95 илјади евра, пишува ,,Утрински,,. Речиси сите медиуми ги пренесоа силните негативни реакции на сопствениците на угостителски објекти по најавите дека од 1 јануари стапува во сила Законот против пушење во сите јавни затворени, па дури и отворени простории. ,,Угостителите се заканија со отказии,, ја насловува ,,Нова Македонија,, информацијата за ова во која се објавуваат и реакции на сопственици на локали кои сметаат дека со примена на мошне рестриктивниот закон ќе се затвораат локали, а со тоа ќе има и отпуштање на вработени и дека во моментов над 17 илјади лица вадат леб од овој сектор. Што се однесува до вестите од политичкиот живот - ,,Трансферите ја стресоа опозицијата,, ја насловува ,,Утрински,, информацијата дека неколкумина видни членови на ЛДП преминаа во СДСМ и дека тоа предизвика остри напади на Манасиевски врз Црвенковски, кого, во изјавата што ја пренесоа и другите дневници, го споредува со Груевски и неговите методи на владеење. ,,Дневник,, со критички наслов пишува за ,,Оркестарот на солисти,, забележувајќи им на опозициските партии дека, наместо да бидат коректив на власта, партиите се занимаваат самите со себе и дека единствената заедничка точка што ги поврзува им е идејата дека треба да се ,,урне,, Никола Груевски. ,,Нова Македонија,, јавува дека пребегнатиот Стефче Јакимовскки станал претседател на градската организација на СДСМ на Скопје. ,,Вечер,, продолжи да ги напаѓа невладините организации, особено Институтот Отворено општество за Македонија-Сорос. Со сугерирачки наслов ,,Американецот Сорос и функционерот на СДСМ Милчин кројачи на македонската судбина,, весникот информира за кавгата меѓу пратениците на владејачката партија и оние на опозицијата поради присуството на членови на невладини организации на седницата на собранискиот Совет за евроинтеграции, кои, наводно, ги поканила претседателката на Советот, Шекеринска, без согласност од другите членови.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG