Достапни линкови

Дневен печат - Брисел во центарот на вниманието


Цела недела наназад медиумите се занимаваа со прашањето дали Македонија ќе добие или не датум за почеток на преговорите со ЕУ

Поминаа и Брисел и 7 декември, медиумите, се разбира, сите 6-7 дена наназад се занимаваа со прашањето дали Македонија ќе добие или нема да добие датум за преговори со ЕУ. ,,Сега сите го чекаат премиерот Груевски", е насловот во ,,Утрински" каде што акцентот е ставен врз очекувањата на опозицијата, но и на ДУИ, премиерот, по враќањето од Брисел да каже какви планови има со иднината на државата, односно, како што пишува, ,,да ги открие картите за понатаму". Во врска со информациите дека грчката министерка Бакојани лани есента наводно била согласна нашиот јазик да се нарекува македонски, а државата Македонија, ,,Утрински" го цитира лидерот на СДСМ, Црвенковски дека нема јасен демант ниту од Милошоски, ниту од грчка страна, и дека и тој, кој во тоа време беше претседател на државата не бил информиран за ставот на Бакојани.

,,Ќе чекаме шпанска пролет" ја насловува информацијата од Брисел ,,Дневник" кој покрај информациите од ,теренот,, ја пренесува и изјавата на премиерот дадена во Брисел дека, покрај другото, се случила софистицирана варијанта на Букурешт. ,,Вечер,, акцентот го става врз раздорот во ЕУ во врска со кандидатурата на Македонија, набројувајќи ги државите кои на состанокот на шефовите на дипломатиите настојувале билатералниот спор да се стави настрана И дека Грција и Кипар биле категорично против тоа. ,,Нова Македонија" исто така пишува дека ,,Грција спорот со името го пресели во Шпанија" објавувајќи ги и реакциите на Груевски и говорот на претседателот Иванов на доделувањето на наградите ,,Св.Климент" на ден пред состанокот во Брисел, кога тој мошне директно и остро и' се обрати на Унијата дека без разлика на исходот Македонија ќе опстоела и нема да попуштела пред никакви притисоци и неправди. ,,Време" информациите од главниот град на Европа ги насловува: ,,По втор пат удривме во грчкиот ѕид,,.

Покрај случувањата во и околу Брисел, домашните медиуми, поточно, ,,Утрински" и ,,Вечер" се занимаваат со видео снимкиоте од исказите на Љубе Бошковски пред истражителите на Хашкиот трибунал. Се разбира, секој според своите критерими за професионално новинарство. ,,Вечер,"со подбивен наслов дека, цитирам, ,,Сестра Љубе имал и братучетка- Бучковски,, алудирајќи дека Бучковски како тогашен министер за одбрана во Владата на широката коалиција наводно му ги дал доверливите документи на Бошковски, а ,,Утрински,, во текстот со наслов ,,Македонско кодошко сценарио – фатете го предавникот" прашува дали е можно некои странски или домашни разузнавачки служби да креираат, токму сега, атмосфера на општ кодошлук во државата. ,,Утрински" објавува делови од речиси сите видео-клипови што се вртат на Интернет, и оние за Бошковски против Тарчуловски и обратно. Во врска со ова МТВ доби остри забелешки од ЗНМ и од јавноста дека се впуштила во отворена кампања и линч против Бошковски со што дефинитивно ја изгубила функцијата на јавен сервис на сите граѓани.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG