Достапни линкови

Без договор за климатските промени?


На неколку дена пред важната конференција во Копенхаген посветена на климатските промени, високиот претставник на Обединетите нации Иво де Бор ги повика сите земји на соработка и компромис.

Над 15 илјади претставници од 192 земји се очекува да учествуваат на Конференцијата што од 7 до 18 декември ќе се одржи во Копенхаген. На неа треба да биде постигнат договор за замена на Кјото протоколот чија валидност истекува во 2012 година. Извршниот директор на Обединетите нации задолжен за Рамковната конвенција за климатските промени Иво Де Бор при повикот на земјите на соработка порача:

,,Влогот е преголем за дополнително технички да се маневрира. Влогот е преголем за која било земја да се фокусира само врз националните интереси. Всушност веќе нема време за губење.,,

Меѓутоа, уште во подготовките на самитот во Копенхаген беа искажани големи разлики меѓу богатите и сиромашните земји околу намалувањето на емисијата штетни гасови. Всушност станува збор за тоа кој и колку треба да им биде платено на сиромашните земји за да ги приспособат своите стопанства во согласност со таа цел.
Влогот е преголем за дополнително технички да се маневрира. Влогот е преголем за која било земја да се фокусира само врз националните интереси. Всушност веќе нема време за губење..

,,Богатите земји мора да платат најмалку 10 милијарди долари годишно за да стартува кампањата во 2012. Секоја земја ќе мора да обезбеди како тие фондови ќе се полнат и каде ќе бидат трошени парите.,,

Вели де Бор. Што се однесува до конкретни проценти за намалувањето на гасовите Обединетите нации веќе навестија дека би било добро ако на самитот во Копенхаген се постигне некаква начелна согласност, а техничките детали да се остават за наредната година. Но, Де Бор вели дека Копенхаген може и мора да испрати сигнал на согласност кој ќе покрене итна акција во земјите во светот:

,,Имаме охрабрувачки сигнали, неодамна од висок руски функционер и од американската администрација, дека во Копенхаген ќе дојдат со конкретни бројки. Но, ваквите нивни ветувања не се на она ниво што го бара науката.,,

Обединетите нации сметаат дека намалувањето на штетните гасови за 23 насто до 2020 година, како што сакаат развиените земји, е под потребното нивото од скоро 40 насто колку што бараат научниците. Американскиот претседател Барак Обама кој ќе учествува на самитот има намера да ја намали емисијата на гасови 17 до 20 насто. Меѓутоа, неговиот законски предлог се уште ја нема поддршката од Сенатот.


  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG