Достапни линкови

Дали Македонија е подготвена за компромис со Грција?


Лидерот на ПАСОК Јоргос Папандреу
Лидерот на ПАСОК Јоргос Папандреу

По победата на ПАСОК во Грција аналитичарите очекуваат можно затоплување на односите со Македонија. Тие сметаат дека ако владата е подготвена за компромис треба да делува и да биде поагресивна во надворешните односи

Македонската влада не ги соопштува идните чекори во преговорите за проблемот со името со Грција, по победата на ПАСОК на парламентарните избори кај нашиот јужен сосед. Во Министерството за надворешни работи посочуват дека завчерашната изјава на премиерот дека македонската влада ќе бара решение и ќе биде конструктивна, но оти има свои црвени линии е македонскиот официјален став.

Според дел од аналитичарите, по победата на грчките социјалисти, може да се очекува намалување на тензиите меѓу Македонија и Грција и евентуално затоплување на политичките, и пред се на економските односи. Тие, сепак, посочуваат дека не се очекуваат драстични промени во однос на прашањето за името.

Премиерот Никола Груевски
Политикологот Жидас Даскаловски вели дека, по доаѓањето на власт, лидерот на ПАСОК Јоргос Папандреу ќе се обиде да внесе новини во надворешната политика. Можно е Папандреу да покаже волја за компромис, но во овој момент е битно дали Македонија е подготвена за компромис, вели Даскаловски.
Доколку оваа влада цени дека е можен компромис со име како Северна Република Македонија, тогаш таа треба веднаш да делува и да биде поагресивна во надворешните односи, за да може да му даде шанса на Папандреу таквата политика и да ја прифати. Ако се делува за зачувување на името, тогаш треба да биде друга процедурата во ОН


„Доколку оваа влада цени дека е можен компромис со име како Северна Република Македонија, тогаш таа треба веднаш да делува и да биде поагресивна во надворешните односи, за да може да му даде шанса на Папандреу таквата политика и да ја прифати. Ако се делува за зачувување на името, тогаш треба да биде друга процедурата во ОН.“

Тој вели дека наредниот месец ќе биде клучен во однос на брзото постигнување решение во спорот за името.

„Понатаму сета активност за тоа прашање ќе биде исто така доведена во прашање и од претседателските избори во грција кои ќе се одвиваат во март, каде што ако не се избере претседател ќе падне владата и ќе има нови предвремени избори.“

Професор Мерсел Биљали се согласува дека многу работи во однос на спорот за името ќе бидат појасни до крајот на годинава. Тој вели дека сега очекува поголема иницијативност од грчка страна.

„Македонската влада треба да го преземе првиот чекор кон тоа што значи креативност, што значи политичка волја искрено да се реши конечно овој проблем. Ако не преземе такви чекори туку чекаат што ќе прави другата страна, мислам дека ќе биде негативно за македонската влада.“

Дел од луѓето кои ја следат надворешната политика велат дека изјавите на некои политичари од ПАСОК укажуваат дека се можни и директни контакти меѓу грчките и македонските власти, кои беа ставени под мраз за време на владеењето на Караманлис. Тие, сепак, велат дека не очекуваат големи промени во грчката надворешна политика, туку само пофлексибилни ставови и поблага реторика од порано.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG