Достапни линкови

Јован Манасиевски – Претседател на ЛДП


Јован Манасиевски, претседател на ЛДП
Јован Манасиевски, претседател на ЛДП

Подолго време во Македонија не постои ниту левица, ниту десница, ниту центар. За жал постои еден силен популистички тренд, во кој што се влезени, се разбира кој што го диктира најмногу владеачката ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа во кој што учествуваат за жал и некои опозициони партии.

Зошто не и се придруживте на опозицијата околу активностите да понуди политички алтернативи на Владата? Ќе делувате самостојно?

Па, да пред се кога говорите за опозицијата тоа е широк поим. Во опозицијата има повеќе партии од македонскиот и од албанскиот блок. Ние како партија се определивме да делуваме целосно самостојно и во склад со нашата либерална платформа токму и кон крајот на годинава ќе излеземе со изработка на една тригодишна стратегија за одбрана на либералните вредности, затоа што сметаме дека токму тие вредности се загрозени, се разбира најмногу преку делувањето на актуелната власт, но можеме да кажеме дека за жал и опозицијата помага во тоа. Имено и во економијата клучните либерални вредности се загрозени со се поширок опсег на т.н.државен интервеционизам, на зголемената регулација, на зголемите зафаќања од граѓаните, од стопанството. Понатаму во политичката свера исто така сме сведоци на еден силен демократски дефицит кој што владата на некој начин систематски го продлабочува преку низа корекции на повеќе закони кои што даваат услови за загрозување и на основните човекови права и особено од тој аспект е се покритично т.н. инсталирање на се повеќе сервиси за перење на мозоците на граѓаните, дел преку медиумите, дел преку делувањето на верските заедници и навистина ние во ЛДП сметаме дека со соодветно делување на линија на нашата платформа, дека можеме да се јавиме како заштитник и промотор на овие либерални вредности. И се разбира дека веруваме дека тоа нашата партија може самостојно да го направи и не ни се потребни никакви пошироки ангажмани со други политички партии.

Jovan Manasievski
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:10:17 0:00
Со оглед на ова која линија ќе ја следи вашата партија, бидејќи по подолго време настапивте самостојно на последните избори, а од друга страна вашата партија имаше поддршка во општината Центар на кандидат на ВМРО ДПМНЕ?

Подолго време во Македонија не постои ниту левица, ниту десница, ниту центар. За жал постои еден силен популистички тренд, во кој што се влезени, се разбира кој што го диктира најмногу владеачката ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа во кој што учествуваат за жал и некои опозициони партии, така што поделбата во Македонија во овој момент е на популистички и на либерални сили. Оттаму секој оној што ќе настапува на линија на таа либерална агенда, независно какво име неговата партија носи, секако се разбира ќе биде добредојден за сорабтока, меѓутоа по ниту една цена не прифаќаме кокетирање со елементи кои што на овој или оној начин се инструменти за рушење на овие клучни либерални мерки. Што се однесува до она што ме прашавте за гласањето на нашиот советник во општина Центар, тоа е индивидуален чин и тој советник веќе не е во нашите редови, затоа што застапува политика која што е спротивна на нашите вредности, а со овие ресурси што ги има владеачката партија за жал, за неа воопшто не е проблем ако треба да купи некој претставник од опозициските партии.

Неможе да се игнорираат пораките што од Парламентот ги упативте последниот месец. Имаше разлики за неколку закони со СДСМ, а упативте и критики до лидерот на таа партија поради одењето на лидерските средби. Ги надминавте ли разликите и дали тие можат да отворат пат за натамошно разидување?

Разликите треба да постојат меѓу политичките партии за граѓаните пред се да имаат различна понуда. Јас незнам каков би бил тој свет кога сите политички партии би имале идентични ставови или кога целата разновидност на политичкиот живот би ја свеле на две опции, на црно и бело. Тоа всушност во Македонија го имавме овие 18 години и општо е сознанието дека граѓаните не се задоволни од тоа. Значи разидувањата што ние ги имавме беа принципиелни и остануваат и понатаму. Прво, ние сме против тој институт на лидерска средба. Тое е институт, тоа е параинститут кој што ги девалвира сите други вредности. Второ ако веќе се оддржуваат тие лидерски средби, барем да има некаква корист од нив. Од лидерски средби на кои што лидерот на опозицијата константно се жали дека е прелажан, изигран, надмудрен, навистина нема никаква корист, ниту опозицијата, ниту граѓаните, ниту целокупниот демократски систем. Оттаму нашата критика на тие состојби е принципиелна и таа се разбира ќе продолжи да биде таква и во иднина.

Гледаме обиди во најголемата опозициска партија да ги среди состојбите во сопствените редови преку кадровски промени и изготвување програма, не видовме битни промени во вашата партија. Како го коментирате ова со оглед на тоа дека Вашата партија има низок рејтинг во испитувањата на јавното мислење?

Нашата партија имаше конгрес пред две години на кој што се направија значајни реформи. Се разбира ние продолжуваме, после последните локални избори, со еден циклус на освежување локалните раководства. Рејтинзите се минлива категорија, тие се доста променливи, впрочем ако ги цените резултатите, најдобар рејтинг на било која политичка партија се изборите. Ние ги имавме последните неколку месеци, резултат од над 4 отсто е задоволителен за нас. Тоа е сосема добра основа, по десет години заеднички коалиционен настап, да покажеме дека партијата има сериозни намери да продолжи самостојно. Она што е клучно и што е битно, и треба да се потсетат сите политички партии се разбира и нашата, тоа е градење, продуцирање на соодветна понуда до гласачите и се разбира сме концентрирани исклучиво на тоа. Таа понуда има формула за одбрана на клучните либерални вредности и во економскиот и во политичкиот дел.

И според последните испитувања на јавното мислење и според резултатите од последните избори, опозицијата има слаба позиција. Што битно може да се смени на политички план со оглед на најавите за зголемени политички активности?

Па ништо битно нема да се смени оваа есен. Владеачките партии за жал и понатаму имаат силен и стабилен рејтинг. Инструментите со кои што тоа го остваруваат се познати, тоа е еден микс на популизам и репресија. Опозицијата нема да биде во состојба уште еден подолг период да се спротивстави сериозно на таквите трендови, така што според нашето мислење, опозициските партии треба да се ориентираат кон реформи во себе и како што кажав во продукција на соодветна понуда до гласачите и се разбира да ги чекаат наредните редовни парламентарни избори.

Дали шансите на опозицијата да понуди политички алтернативи на владата се намалуваат со тоа што опозицијата ќе настапува самостојно?

Не мислам дека е така затоа што опозициските партии настапија заеднички на пример во 2008 година и беа сериозно поразени. Лично мислам дека ако не настапеа заеднички поразот немаше да биде толку тежок и голем како што беше. Така што повторно велам минато е времето кога вие ќе ги мотивирате граѓаните со тоа што ќе кажете дека постојат два табори од чија што историска битка, зависи натамошниот историски развој на државата. Мислам дека тоа прашање не е клучно во оваа фаза, тоа може да биде значајно, значи прашањето за обединет опозициски настап, непосредно пред избори, но мислам дека во оваа фаза јас би рекол дека е незначајно и дури ако се инститира на него може да биде сопирачка во индивидуалниот развој на секоја политичка партија.

Дали во извештајот на ЕК за напредокот на земјава може да се очекува да и се даде предност на една политичка клима во која ќе имаме меѓусебно приближување на разликите околу стратешките прашања, како што е прашањето за името?

Видете, јас не мислам дека постојат толку големи разлики околу стратешките прашања помеѓу сите политички партии, особено не мислам за прашањето за името. Од она што го гледам јас мислам дека кај сите, ме радува што во последно време и кај владеачките партии, расте сознанието дека мора да се дојде до компромис, се разбира компромис кој што е многу прецизно дефиниран, кој што нема да штети на клучните идентитетски обележја на македонскиот народ и македонската држава и тоа компромис кој што ќе овозможи натамошна интеграција на нашата држава, и мислам дека работите и понатаму ќе се одвиваат во тој правец. До решение не очекувам дека може брзо да дојдеме, без разлика на покажаната политичка воља, затоа што во принцип за вакви да ги кажам идентитетски конфликти тешко се доаѓа до решение, меѓутоа битно е да сите клучни актери бидат посветени кон барање на решнија. Така што евентуалното добивање на датум за преговори не би го врзувал со овој процес, меѓутоа се разбира дека и тој чекор би влијаел на создавање на нешто поблагопријатна клима.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG