Достапни линкови

Дневен печат - Проблеми со спомениците на Делчев и Груев


Скопје
Скопје

Медиумите изминативе денови се занимаваа со проблемите околу изработката на спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев што треба да бидат поставени во Скопје. Лустрацијата и масовното отпушање на наставници и вработувањето на нови партиски кадри, беа исто така теми присутни во медиумите.

Алфа телевизија почна, а другите медиуми продолжија со ,,откривањето,, на проблемот со спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев, коишто наскоро ќе бидат поставени во Скопје. Откако ги видел во работилниците на младите, скоро непознати автори, но кои беа избрани на конкурсот на Министерството за култура, премиерот ги задолжил реномираните скулптори Томе Серафимовски и Петар Хаџи Бошков да ги корегираат несмасностите во изработката на коњите и ликовите на двајцата револуционери.
,,Македонија ќе ги побара од српските власти досиејата што се наоѓаат во архивите во Белград, а се неопходни да се спроведе Законот за лустрација, ја цитираат сите домашни медиуми изјавата на премиерот Груевски, откако пред надлежната Комисија за верификација на факти поднесе изјава дека не работел за тајните служби. По првата прес конференција на членовите на комисијата на која тие изјавија дека повеќето досиеја се во Белград, ,,Утрински,, коментира дека, цитирам, ,,на јавноста и беше многу јасно ставено до знаење оти Македонија како држава нема да може со сигурност да докаже дали некои личности во животот граделе кариера со кодошење, особено од 44 до 91-та на минатиот век и беше фрлен сомнеж дека лустрацијата, всушност ќе биде фарса,,. А1 Телевизија отиде понатаму, па телефонски разговараше со директорот на Архивот во Белград, кој изјави дека досега никој од Македонија не се јавил да ги бара досиејата и оти тие се достапни за сите заинтересирани. Тој додаде и дека сите оригинални досиеја на македонските граѓани би требало да бидат во Македонија бидејќи во СФРЈ сите републички разузнавачки служби работеле самостојно.
Сите медиуми, освен ,,Нова Македонија,, објавија дека на почетокот на школската година во многу македонски општини локалните власти направиле масовна партизација во образованието со отпуштањето на над илјада наставници и професори, по долгогодишното нивно ангажирање со договори на дело и вработувањето на нови, честопати со несоодветно образование, како нивна замена.
,,Дневник,, во неколку изданија ја третира набавката на маици за македонските полицајци, која на тендер ја добила извесна маркетинг фирма ,,Линк медиа плус,, иако со поскапа понуда, а во средата оди понатаму со откривањето дека истата маркетиншка фирма го добила и тендерот за панцири, вреден 700 илјади евра, коишто, пак, ги дала на изработка на бугарската компанија ,,Марс Армор,,. Набавката скоро тајно била направена во екот на локалните и претседателските избори во март годинава. Весникот пишува и дека сопственикот на фирмата ,,Линк медиа плус,, Ѓорѓи Вуков кој лани од финансиската полиција добил кривична пријава за затајување на данок работел и проекти за градот Скопје, за аеродромите во Скопје и Охрид, за Секретаријатот за европски прашања, како и за општината Гази Баба.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG