Достапни линкови

Прилепските дуќанџии најавуваат протести


Прилеп
Прилеп

Незадоволни од поставувањето на наплатна рампа пред Старата чаршија во Прилеп од страна на локалната самоуправа, дуќанџиите од градот најавуваат протести. Според нив поставувањето на наплатната рампа придонело за намалување на бројот на посетители, а со тоа нивната егзистенција е загрозена.

Речиси половината од прилепските дуќанџии од старата чаршија нема да работат секое попладне, и ќе протестираат пред наплатната рампа во кернето кај бочварите, крајно незадоволни од одлуката на локалната самоуправа за поставување на наплатна рамка. Тврдат од Пиво фестот кога рампата прв пат е поставена до денес тие трпат огромни штети. Велат ќе стават катанец на вратите на дуќаните, ако локалната самоуправа и натаму има ригидни ставови околу решавање на овој проблем.

„Едноставно таа што беше река од луѓе е запрена, значи умира чаршијата во стварност, за тие некои суми не ни се битни сумите, има
Едноставно таа што беше река од луѓе е запрена, значи умира чаршијата во стварност
други начини за правење пари. “

„Од 40 – 50 отсто повеќе се движат штетите кај оние фирми каде што мора да влезе човек со возило да донесе стока и да изнесе стока.“

Велат Круме Алексоски и Благоја Тасески, двајцата сопственици на дуќани во старата прилепска чаршија. Над 100-тина други од еснафот потпишале петиција и со своите барања ја доставиле до локалната самооуправа, но велат никој нема слух.

„Ова личи на тотален рекет, на секој дуќан да му земеш по 12,000 денари и не те пушта после 15 часот е 60 денари фиксно. Го повикуваме градоначалникот да ни објасни до кога вака. Од таму ни викаат затворете ги дуќаните надлежните, отворете нешто друго, отворете кладилници велат.“

Тврди Иле Илиески, дуќанџија, сериозно загрижен за својата егзистенција, зашто вели само по некоја нова давачка плакаат секој месец.
Ова личи на тотален рекет. Го повикуваме градоначалникот да ни објасни до кога вака. Од таму ни викаат затворете ги дуќаните надлежните, отворете нешто друго, отворете кладилници велат
Само по овој основ велат дуќанциите, Локалната самоуправа годишно треба да им наплаќа по 12000 денари, сума која тешко можат да ја заработат велат, зашто особено во услови на светска криза се борат за егзистенција. Од друга страна од Локалната самоуправа тврдат дека во одлуката на Советот се имплементирани сите нивни барања и забелешки. Сепак велат подготвени се за натамошна соработка и дијалог. Но, тие се децидни:

„И во смисла на преговори, договарања, еквилибрирање помеѓу нивните и нашите мислења во секој момент е можно. Но, драстични отстапувања во однос на хаос или ред, ние секогаш ке застанеме на страната на редот.“

Вели Бранко Нешкоски, директор на Јавното претпријатие за Просторно и Урбанистичко планирање. Но, прилепските дуќанции се категорични, се до конечно повлекување на наплатната рампа и либерализација на сообраќајот во овој дел од градот, тие секојдневно ќе продолжат со протести и блокади, нема да отстапат од нивните барања, зашто тврдат се борат за опстанок.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG