Достапни линкови

Неделен печат – ,,Ванчомихајловизам во Македонија"


Трафика
Трафика

Неделникот ,,Сега" објавува анализа според која експертите на власта смислуваат сценарија за неутрална Македонија, надвор од ЕУ и НАТО. ,,Глобус" пак ги повикува домашните интелектуалци за преиспитување на антиквизацијата на Македонија

Со малку претенциозен наслов, ,,Ванчомихајловизам пак во Македонија,, неделникот ,,Сега,, објавува поширока анализа на политичката стратегија на Владата на Никола Груевски во пресрет на 15 септември, одредницата до кога земјава треба да ги исполни сите ткн.бенчмаркови зададени како услов од Европската комисија за евентуално добивање датум за преговори во есенскиот извештај. Ванчо Михајлов пред 6 децении ја виде Македонија како ,,Швајцарија на Балканите,, објавува на насловната страница,,Сега,,. Експертите на власта смислуваат сценарија за неутрална Македонија, надвор од ЕУ и НАТО, продолжува во поднасловот неделникот, за на крајот да праша дали Груевски се подготвува за неуспех во врска со евроатлантските аспирации на државава? Неделникот во текстот анализира дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, што јавно, што на тајни брифинзи со новинарите, деновиве ја подготвува јавноста дека Грците ќе направеле се Европската комисија да не препорача датум за преговори, за да не биле доведени во непријатна ситуација да употребат вето, така што Груевски во такви услови, според ,,Сега,, бара начин топката да им ја префрли на Грците. Демек, од владејачката партија велат, ние ќе си го завршиме нашиот дел од работата, ќе ги исполниме сите критериуми, но максималистичкото барање на Караманлис новото име да биде за севкупна употреба ќе биде нешто што не може да се прифати. Можеби затоа, заклучува ,,Сега,, паралелно со ова, се пласираат и сценарија со заеднички именител Македонија да стане европска земја, дури и да не стане членка на ЕУ и на НАТО. Ваквите сценарија авторот на текстот го потсетуваат на Ванчомихајловистичката визија за ,,Македонија како Швајцарија на Балканите,, што резултираше со задоцнето приклучување на македонскиот народ кон антифашистичкиот отпор и со отворена соработка на некои политички личности и формации со фашистичкиот окупатор, поентира ,,Сега,,.

Неделникот ,,Глобус,, објавува широка анализа, би рекла еден вид повик, поткрепен со историски факти, до домашните учени и интелектуалци за преиспитување на таканаречената антиквизација и инсистирањата за поврзување на современава со античката Македонија. Прв историски факт, наведува неделникот, е дека Античка Македонија се протегала на Егејското крајбрежје одејќи на север некаде до линијата Охрид-Јужна Пелагонија-Гевгелија. Северно од таа територија, всушност на поголемиот дел од современа Република Македонија, се наоѓало кралството на Пајонците, кое потпаѓа под вазалство на Античка Македонија дури со походите на Филип Втори. Втор историски факт, продолжува ,,Глобус,, е што јадрото на Античка Македонија отсекогаш било на територијата што ние ја нарекуваме Егејска Македонија, која што, пак, никогаш не била дел од современата македонска држава; по Балканските војни Грција не ја анектира како дел одземен од македонската држава, туку како територија одземена од Отоманската империја.На тој начин, со инсистирањето на континуитет со Античка Македонија се фабрикува традицијата при што се прави функционална митологизација затоа што континуитетот не е заклучок со историска точност,а вредноста му е само во капацитетот да понуди нешто во што масите можат да веруваат, пишува меѓу другото неделникот. ,,Глобус,, на крајот заклучува дека во политиката митовите добиваат на значење само кога општеството се соочува со криза на легитимитетот.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG