Достапни линкови

Скромни кумановски музичари


Синот Марко и ќерката Милена
Синот Марко и ќерката Милена

Сестраната пеачка со несекојдневен талент, но скромна, тивка и ненаметлива кумановка Маргица Антевска иако четири децении добро и е позната на македонската јавност не направила голема музичка кариера.

Како дипломиран економист по распадот на фирмата таа егзистира од музиката. Зошто е така, Маргица раскажува:

Пеам од детските денови. Официјално од 1971 година на МРТВ, пред тоа во хорови во гимназијата. Започнав со забавната,малку со народната и можам да пеам се. Дури и опера. Ветриштата ме оддуваа на економија,што е грешка кога би се вратиле назад. Во нашето време за жал немаше менаџери. Немаше луѓе што ќе не водат и не е тоа само моја вина.Можеби се спасија само тие што отидоа во Белград, како Маја Оџаклиевска, Зафир Хаџиманов и уште два-тројца.

Маргица има само една касета и два компакт диска кои самата си ги направила. Нема ниту еден концерт иако вели дека освен клавирска придружба од нејзиниот син Марко (26) академски музичар-пијанист не и треба ништо друго. Таа одлично владее со францускиот јазик, што не и е проблем автентично да ги интерпретира француските шансони.Ама,...

,,Тоа е судбината на сите таленти во Македонија."

Оваа прекрасна пеачка ги одгледала синот Марко и ќерката Милена (23). Двајцата се академски музичари,но скромноста, ненаметливоста, дури и срамежливоста се чини како да им ги потиснуваат амбициите за градење музичка кариера. Талентот го наследиле од мајка им,а за клавирот заслужен е татко им.

,,Татко ни донесе клавир дома кога имав 8 години и јас и сестра ми почнавме да свириме. Талентот е од мајка ни,но иницијатор да свириме клавир беше татко ни."

Вели Марко,кој иако занесно пребира по клавишите особено кога ги свири делата на Рахмањинов, задоволен е од работа со млади таленти во кумановското основно училиште.
Милена пак дипломирала на Музичката академија теорија и педагодија со народни инструменти кај професорот Драган Даутовски. Иако пее на свадбените веселби не размислувала воопшто за соло пеење.

,,Со соло пеењето немав никаква допирна точка. Многу вежбав клавир,"

Вели Милена.Мајка и Маргица додава дека неколку пати ја барале да настапува на фестивали,но Милена едноставно не се гледа себеси како естрадна ѕвезда.За сега е задоволна од она што го работи заедно со нејзиниот брат. Маргица сепак се надева дека еден ден барем во нивниот роден град некој ќе им организира заеднички концерт.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG