Достапни линкови

Прилепчани вознемирени од првиот случај на свински грип


Прилеп
Прилеп

По сомневањата дека четири годишно дете од Сиднеј кое престојувало во Прилеп е заболено од свински грип, прилепчани вознемирени. Се вршат контроли на сите што биле во контакт со заболеното дете, а поблиското семејство е сместено во карантин.

Екипите на прилепскиот Завод за здравствена заштита будно ја следат состојбата во Прилеп, по основаните сомнежи дека 4 годишното дете, кое пред една недела пристигнало од Сиднеј во Македонија има свински грип. Бабата и братчето на болното дете се сместени во карантин во хотел во Прилеп, а се вршат анкети и се откриваат сите лица со кои момчето, кое престојувало и во Битола, било во контакт изминативе 7-8 дена.

,,Околу 10-ина луѓе со кои детето имало поблиски контакти, веднаш екипите од Заводот значи преминаа со хемиопрофилакса, односно превентивно третирање на овие луѓе. Исто така со хемиопрофилакса започнато е да им се дава и на здравствените работници, кои биле во контакт со детето, така да сите оние кои имале близок контакт со детето, се започнати со третирање со лекот тамифлу во превентивни дози."


Истакнува д-р Гоце Ингилизов, директор на прилепскиот Завод за здравствена заштита. Бидејќи станува збор за лек кој што не смее да го препише матичен лекар,туку може да го даваат само обучени лица, заводот спроведува едукација и ќе бидат потговените 12 тимови од доктор и здравствен работник кои што ке можат соодветно да ги третираат пациентите. Согласно со акциониот план во секој момент мобилно е и старото инфективно одделение со капацитет од околу 180 легла, а доколку има потреба од хоспитализација на пациентите ќе биде ставен во фунцкија и одделот за физикална терапија кој што се наоѓа во прилепската касарна. Граѓаните пак дел се исплашени, а дел сметаат дека нема потреба од никаква паника, доколку медицинските стручњаци си ја вршат работата.

,,Не знам, прв пат слушам, не знаев. Бидејќи сите се вознемирени,нормално се чувствуваме дека тоа е опасно, еве кажуваат дека имало смртни случаи во светот."

,,Не е баш наивна работата. Мислам дека треба да бидеме внимателни и добро е што службите медицински работат, но јас не се чувствувам вознемирен, бидејќи болести отсекогаш имало и мислам дека ќе продолжат."


Од заводот со апел до граѓаните:

,,Па, има безброј случаи на настински и разни грипови, така да јас повторно кажувам дека не треба никаква паника да се крева ни меѓу народот, ни меѓу здравствените работници и треба мирно, со трезвени глави да размислуваме и да ги препраќаме пациентите, онака како што ни е кажано. Има засилени јавувања на пациенти кај матичните лекари, али досега значи се уште нема ништо слично."

Истакнува д-р Ингилизов.
Инаку, момчето е сместено на инфективната клиника во Скопје, каде се наоѓа и неговата мајка, а резултатите од мострите кои за анализа се испратени во референтна лабораторија во Лондон се очекуваат за неколку дена, кога со согурност ќе се знае дали момчето кое е болно од грип од тип А, е инфицирано со смртоносниот вирус од подтипот Х1Н1 кој предизвикува свински грип.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG