Достапни линкови

Нема одлука за визите


Граѓани чекаат за да аплицираат за Шенген виза
Граѓани чекаат за да аплицираат за Шенген виза

Европската комисија оцени дека Македонија најмногу напредувала за визната либерализација од земјите во регионот. Сепак, од чешкото претседателство рекле дека е потребно време за конечни оценки и одлуки

Европската комисија вчера даде оценки дека Македонија од сите земји во регионот најмногу напредувала, потврдуваат од македонското министерство за надворешни работи, но сепак велат дека тоа не се ни препораки , ниту пак предлог одлуки. Тие очекуваат до крај на чешкото претседателство Европската комисија да даде предлог одлука со која ќе започне процесот на визна либерализација. Чешкото претседателство синоќа ги добило извештаите на Европската комисија за напредокот кон визната либерализација на земјите кандидатки за членство во ЕУ. Денеска за тоа прашање ќе започнат да дискутираат земјите членки на унијата. И заменик шефот на чешката дипломатија Јан Појар рекол дека треба да помине време за да се дадат конечни оценки и одлуки.

Според првичните оценки, што ги пренесуваат медиумите од Брисел, некои земји како што се Србија, Албанија и Босна и Херцеговина не исполниле одредени битни услови за да бидат ослободени од визниот режим. Но како што истакнал Појар, на крај сите земји од регионот ќе бидат ставени на белата шенген листа.

Од министерството за надворешни работи велат дека во најголем дел Македонија ги исполнила барањата од ЕУ, а останите детали на кои треба да се поработи ќе бидат санирани во иднина. И професорот Денко Малевски се согласува дека Македонија направила се за да добие визна либерализација, но како што вели тој сега треба да се внимава како земјава ќе се однесува:

„На нас останува сега да го искористиме ова како стимул да продолжиме забрзано да се интергрираме како држава во ЕУ, решавајќи ги проблемите што ги имаме со Унијата.“

Откако ќе се донесе предлог одлука, истата треба да ја разгледа Советот на ЕУ, потоа за таа одлука треба да гласа Европарламентот, и ако има дво-третинско мнозинство, Советот ќе ја ратификува одлуката.
Професорот Мерсел Биљали вели дека Македонија треба да остане на патот кој го зацртала , а евентуалните проблеми можат да и наштетат и да не вратат неколку чекори назад.

„Треба да продолжи да покажува добра волја во однос на разговорите со Грција со посредство на ОН, значи не треба да покаже негативна политичка волја.“

Според оптимистичките очекувања македонските граѓани би можеле да патуваат без визи во Европа, почнувајки од идната година
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG