Достапни линкови

Силен политички мандат за компромис за името?


Премиерот Никола Груевски и владините министри на прес конференција
Премиерот Никола Груевски и владините министри на прес конференција
Сега кога политичкиот мандат на владата е дополнително зајакнат има големо очекување дека ова ќе биде мудро искористено да се поддржи наоѓањето решение на прашањето за името. Ваква порака до македонската страна вчера од Брисел упати еврокомесарот за прошируваље Оли Рен. Но дали и колку владата во овој момент е подготвена да дојде до компромис? Стручната јавност во земјава е поделена по ова прашање. Според аналитичарот Слободан Чашуле владата не е подготвена да го промени името, а решението според него е времената спогодба меѓу двете земји.
Сите изјави што ги слушаме од различни преставници на владата се добива впечаток дека се нема подготвеност да се преземе еден ваков чекор


"Ако сега целокупната концентрација, овој зајакнат мандат оваа влада го употреби на истиот тој господин Рен и на многу други, да им објасни дека спорот во вид на компромис е веќе решен со Времената спогодба која и овозможува на Македонија како членка на НАТО рамноправно да разговара со Грција и од тие рамноправни разговори во кои нема да има уцена и диктат, може да се најде компромисно решение.,,

Во моментот владата не покажува какви било знаци на подготвеност да прифати компромис за ова прашање, смета аналитичарот Ибрахим Мехмети според кој пак треба да се менува тактиката во водењето на преговорите со Грција.


"Сите изјави што ги слушаме од различни преставници на владата се добива впечаток дека се нема подготвеност да се преземе еден ваков чекор.,,

Она што недостасува е конкретен став околу ова прашање. Јавноста нема јасна визија за тоа која е конечната стратегија на владата за решавање на ова прашање, посочува Мехмети.

"Немаме некој појасен став за тоа што е подготвена владата да направи, дали е подготвена или не да направи компромис? Бидејќи гледаме дека ставовите се менуваат зависно од моментот и со тоа се добива впечаток дека сеуште не е заземен конкретен став.,,

Според Чашуле пак ова како што вели чувствително прашање не се решава со дневна политичка битка меѓу двете засегнати страни.

"Тоа прашање на начинот на кој што сака Грција да го реши, неможе да го реши ниту една влада, без оглед на тоа каков мандат има. Доколку ги измешаме ,,лонците,, така како досега нема да има никакво решение.,,


Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски пак вчера во Брисел изрази уверување дека македонската страна е за балансирано решение, кое како што реше и на македонски и на грчки јазик ќе биде преведено како фер компромис.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG