Достапни линкови

Барак Обама како Александар Велики


Барак Обама и Јап де Хоп Схефер на средба во Вашингтон
Барак Обама и Јап де Хоп Схефер на средба во Вашингтон

Претседателот Обама изјави дека го поддржува проширувањето на НАТО. Пред европската турнеја на која ќе ги претстави приоритетите на американската политика, некои веќе го споредија со Александар Велики.

Американски претседател Барак Обама се надева дека во идната недела ќе ја освои европската политичка сцена, но дури и неговите најстрасни приврзаници можат да бидат шокирани кога ќе слушнат дека го споредуваат со Александар Велики. Архиепископот на Грчката православна црква во Америка Димитриос ја направи оваа споредба на вчерашната средба во Белата Куќа по повод Денот на грчката независност. Тој го повика новиот американски претседател да ги искористи неговите политички способности за решавање на некои прашања од верската слобода, Кипарското прашање, како и осумнаесет годишниот спор меѓу Грција и Македонија: ,,Следејќи го брилијантниот пример на Александар Велики, вие ќе можете да го пресечете Гордиевиот јазол на овие нерешени прашања,, изјави Диметриос на приемот во Белата Куќа по што претседателот Обама пред околу двеста гости, како што јавуваат агенциите, се пошегувал, велејќи дека оваа споредба ќе и ја пренесе на сопругата Мишел: ,,Ќе видам дали тоа ќе ми донесе малку поголемо почитување. Таа се уште е газда,, изјави Обама кој во почетокот на идната недела заминува на неколкудневна европска турнеја. Притоа тој ќе учествува на Самитот на Групата Дваесет во Лондон, на самитот на НАТО на границата меѓу Франција и Германија, на средба со лидерите на Европската унија во Прага, а ќе ја посети и Турција.

Како подготовка на турнејата беше и неговата вчерашна средба со генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Схефер по што изјави дека ќе работи на подобрување на американско руските односи, но единствено во контекст на НАТО кој пред шеесет години беше креиран за задржување на натамошната советска експанзија во Европа.

,,Мојата администрација настојува да ги обнови односите со Русија, но на начин што е во согласност со членството во НАТО и со потребата да се испрати јасен сигнал до цела Европа дека ќе останеме при ставот оти земјите кои сакаат да влезат во Алијансата тоа и ќе можат да го направат,,.
Подобрување на американско руските односи, но единствено во контекст на НАТО

Изјави Обама. Генералниот секретар Схефер пак, признавајќи дека има разлики меѓу НАТО и Русија сепак ја потенцира важноста на помирувањето меѓу двете страни:

,,Имаме многу работи за кои не се согласуваме, но НАТО му треба Русија и на Русија и треба НАТО. Затоа ајде да работиме на нештата за кои се согласуваме. Без да ги криеме нашите несогласувања, јас мислам дека можеме да ги јакнеме нашите односи,,.

Ваквите претпазливи изјави на Обама и на Схефер за Русија дојдоа само ден откако врховниот командант на НАТО американскиот генерал Џон Кредок оцени дека минатогодишната руска интервенција во Грузија е доказ дека Москва би можела да се врати на старите денови како главен град на Советскиот сојуз.





  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG