Достапни линкови

Вечерва завршува изборната кампања


Претседателски кандидати
Претседателски кандидати
Безлична и бледа кампања, повеќе популистичка отколку оригинална, веќе слушнати фрази и слаба понуда на кандидатите. Вака политичките аналитичари ја оценуваат кампањата за претстојните избори, која официјално завршува вечер на полноќ. Но она за што експертите се согласни е дека имавме релативно мирна кампања.

„Помина во една релативно мирна атмосфера, се отиде во една друга крајност, односно се отиде во желбата да бидат и популисти, односно влегоа и во области што не се во надлежност на претседателот, притоа нели се обидоа да кажат дека ќе ги решат проблемит на млекарите, сточарите итн.“

Вели проф. Јове Кекеновски од Европскиот Универзитет.
Со ваквиот став се согласува и политичкиот аналитичар Хисен Рамадани. Како позитивен момент во кампањата тој го издвојува фактот што во областа на меѓуетничките односи таа била најкоректна досега.

„Понудите се сеуште стереотипни, или цело време останаа на познати формулации кои што сме ги чуле безброј пати и невидовме ништо оргинално од некоја политичка групација.“

Но иако кампањата помина во релативно мирна и демократска атмосфера, која според експертите повремено ја нарушувала личната нетрпеливост меѓу одредени кандидати, тие посочуваат и некои неправилности. Такви се на пример одлуката за присуство на високи државни функционери на избирачките места на денот на гласањето, барањето на лични податоци на набљудувачите од страна на полицијата, кое според Келеновски се толкува како обид на притисок врз гласачите.

„Тоа е навистина голем притисок, власта настојува преку нивното појавување, преку нивниот авторитет, преку вклучување на полициските органи да извршат притисок врз гласачите, за да гласаат за нивнот кандидат.“

Како неправилност пак, Рамадани го посочува трошењето на државни пари во изборната кампања.

„Па овие големи билборди што ги имаат ставено, па тоа никогаш не сме го имале. Преголема потрошувачка, воопшто во овие услови, е малку безобразно со оглед на случувањата во светот, но и кон нас.“

Сепак генералната оценка на експертите е дека кампањата ветува фер и демократски избори. Вечер на полноќ, започнува изборниот молк. Граѓаните ќе се одморат од партиските митинзи и секојдневните меѓупартсики препукувања. Тие ќе имаат доволно време добро да размислат за кого ќе го дадат својот глас.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG