Достапни линкови

Досега најкомплицираните избори не оставаат простор за грешки


Претседателски кандидати
Претседателски кандидати
Избирачките списоци, гласачките ливчиња и записниците како дел од доверливиот материјал денеска ќе бидат доставени до сите 84 општински изборни комисии, информираат од Државната изборна комисија. Подготовките се во тек и засега се се одвива без проблеми, вели портпаролот на ДИК, Зоран Таневски

„Преостанува општинските изборни комисии да го достават целокупниот материјал до избирачките одбори, потоа во сабота да се спроведе гласањето за внатрешно раселените лица, за лицата што се на издржување казна затвор и притвор и за лицата што до општинските изборни комисии се пријавиле како болни и немоќни.“

Иако неодамна набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава упати забелешки дека се доцни со печатењето на избирачкиот материјал и неговото доставување, како и со едукацијата на гласачите и избирачките одбори, од Државната изборна комисија велат дека се почитуваат сите законски утврдени рокови.

„Едукацијата на изборните органи заврши вчера и вообичаено едукацијата се врши што е можно поблиску до терминот за одржување избори, за да може оние знаења што се неопходни за спроведување на изборите да бидат посвежи.“
Од првиот круг и сите активности кои што треба да се спроведат во првиот круг ќе зависи и исходот од вториот круг


Според експертите пак овие се најкомплицираните избори досега. Немањето доволно време за едукација на гласачите може да создаде дополнителна забуна кај гласачите кој во истиот ден треба да гласаат и за претседател на државата, за градоначалник и за советници во општинските совети, предупредуваат упатените во оваа област.

„Доколку тука на пример има пропусти околу самата едукација, со самите инструкции на претседателите на избирачките одбори и другите лица кои треба да ги знаат инструкциите, тоа на прво место ќе се одрази врз нивната работа, а потоа нивната работа може да го доведе во прашање и успешнот и законито спроведување на изборите.“

Вели проф. Осман Кадриу од Факултетот за општествени науки.
Исклучиво важно е како ќе помине првиот изборен круг, вели Кадриу. Според него доколку тогаш се случат одредени неправилности во гласањето, тоа би можело да предизвика бојкот на гласачите во вториот круг.

„Од првиот круг и сите активности кои што треба да се спроведат во првиот круг ќе зависи и исходот од вториот круг.“

Дури и да има извесни задоцнувања во тековните активности на Државната изборна комисија експертите велат дека тоа не би требало да создаде проблеми. Евентуалните пропусти според нив можат да се решат до денот на изборите и притоа не очекуваат тоа да го доведе во прашање целиот изборен процес.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG