Достапни линкови

Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ


Дарко Алексов, извршен директор на МОСТ
Дарко Алексов, извршен директор на МОСТ
Дарко Алексов, Извршен директор на МОСТ

Господине Алексов, МОСТ ја следи предизборната кампања, во неа, повторно имавме некои инциденти. Како го оценувате тоа?

Тоа што треба да се анализира е дали има тренд, односно тенденција на вакви инциденти или нема. Сознанијата од теренот, добиени од нашите регионални координатори, кажуваат дека овие инциденти се изолирани, не секогаш испровоцирани од предизборието, туку во некои од нив дури има и одредени бизнис интереси. Значи, со еден збор, во овој момент, како организација сме задоволни од тој аспект и се надеваме дека ова ќе остане така и во иднина.

Добивме укажувања од набљудувачката мисија на ОДИХР за предвреме започнатата изборна кампања. Што говори вашиот мониторинг?

За жал, сведоци сме дека има предизборна кампања, дека таа се случува на ниво на целата држава. Тоа не е само на основа на нашата комуникација со регионалните координатори, туку и врз основа на јавните документи коишто партиите и кандидатите ги објавуваат за нивните активности во текот на еден ден, а исто така и од тоа што можеме да го видиме во медиумите. Значи, ДИК, во моментов има полно формално право да постапи, доколку утврди дека членот којшто ја дефинира кампањата е во овој момент исполнет, а тоа се знае што е, значи станува збор за јавно претставување, медиумско претставување на кандидатите, јавни собири, обраќања итн.

Веќе рековме, беа регистрирани одредени инциденти, а ОДИХР исто така реагираше и на реториката која се употребува во текот на кампањата, со што дополнитело се подгреваат тензиите. Господине Алексов, влева ли надеж целата оваа атмосфера дека ќе успееме да спроведеме фер и демократски избори?

За да спроведеме фер и регуларни избори, коишто се приоритет не е доволно само да се анализира безбедносната состојба или реториката. Тоа што ние треба да го имаме предвид се: функционални институции, добро информирани граѓани и политички партии со вистински капацитет да придонесат кон фер и демократски процес. Е сега, во оваа фаза од предизборието, одредени сегменти не функционираат како што треба, веќе ги образложив. Меѓутоа, тоа што е најбитно од се, е ДИК, како централен орган и како единствена институција задолжена за законитост на процесот, адекватно на изборниот законик и на сите нејзини законски овластувања да си ги изврѓува своите обврски од една страна, меѓу другото нејзина обврска е да ги информира и едуцира граѓаните за процесот на гласање. Што значи тоа? Како организација, односно како МОСТ најголемиот предизвик го гледаме во начинот и квалитетот на спроведување на процедурата на гласање. Ова се можеби најкомплексните избори коишто Република Македонија ги има одржано во својата историја, и како такви, само во Скопје, граѓанинот доколку сака да гласа за двата типа на избори ќе треба да добие пет изборни ливчиња. И истите тие да ги вметне во пет различни кутии, а во исто време да се потпише и на два различни избирачки списоци. Само по себе, ова кажува дека времетраењето за спроведување на гласањето од страна на избирачкиот одбор ќе биде многу подолго. Тоа што може да се очекува не е тензија поради реториката, туку може да се очекува во некои случаи и тензија поради долгите редици пред избирачките места, поради неможноста на Избирачкиот одбор, ефикасно и ефективно, зборуваме сега од технички и физички капацитет да ја спроведе истата. Значи, уште еднаш најважно од се е добро едуцирани избирачки одбори, добра кампања за едукација на граѓаните за тоа што може да очекуваат на избирачкото место и се разбира конструктивност на политичките партии.

Говорите за функционалност на институиите. Што говори фактот дека само 18 случаи се решени од над 200 постапки за изборни нерегуларности на претходните избори?

Мандатот на МОСТ завршува со официјализирање на резултатите од изборите. Што се случува со сите овие постапки пред судовите, во овој момент можеме само да кажеме дека како организација сметаме дека таа бројка на завршени предмети пред судовите е доста мала, гледајќи квантитативно, меѓутоа за причините не можеме да разговараме во оваа фаза, од причина што немаме увид во тој процес, значи тука можеби треба да се земе предвид квалитетот на постапката иницирана од страна на МВР, квалитетот на постапката иницирана од Јавното обвинителство, па и квалитетот на постапката фасилитирана од страна на судот што е надлежен за тоа. Значи, сите овие аспекти треба да се земат предвид кога се прави оценка за тоа дали е ажурно или не, меѓутоа, сепак има граѓанска организација која што го прави тоа.

Но, сепак како организација којашто ги следи изборите, една ваша генерална оценка, во смисла на тоа, говори ли ова дека немаме функционалност на институциите, а толку се залагаме од друга страна да спроведеме регуларни избори и целиот процес и пред и потоа да биде демократски?

Па, добро, со самото тоа што кажав кои се институции се во тој процес, значи сепак некаде има проблем и тој проблем треба да се детерминира, односно да се утврди каде е.

Дали поради пресудноста на овие избори за натамошната евро атлантска интеграција на земјата, всушност и искуството од претходните избори, МОСТ реши овој изборен цисклус да го зголеми бројот на набљудувачи?

Од самата причина дека станува збор за претседателски и локални избори, бројката на набљудувачи е зголемена најмногу поради тоа што МОСТ на овие избори ќе прави две паралелни табелирања на гласовите, со тоа што едното ќе се однесува на избор на претседателот на репубиката, а другото ќе се однесува на изборот на градоначалник и советници на градот Скопје. Од таа причина бројот на нашите набљудувачи е зголемен и самата методологија го налага тоа.

Има ли МОСТ сознанија за одредени недостатоци во избирачките списоци и каква е опасноста за манипулација со нив на претстојните избори?

Со цел да ги намалиме овие шпекулации во 2005 година инициравме проект заедно со Министерството за правда којшто заврши во 2006 веднаш пред парламентарните избори. Тогаш беа сменети улогите на сегашните чинители, така што тогаш исто од страна на опозицијата беа потенцирани 200 илјади фантоми итн, итн. Слични обвинувања гледаме и сега. Значи, тоа што ние го направивме тогаш е уникат во регионот и пошироко, значи дури и поголем број од членките на ЕУ немаат такво нешто. Значи, избирачкиот список е на Интернет. Целокупниот ажуриран избирачки список се наоѓа на Интернет страницата избирачкиписок.гов.мк, којашто беше развиена од страна на мост, и дадена на владеење на Министерството за правда и сеуште е. Значи, тоа е еден наш придонес во капацитетот на Министерството за правда и тоа што ние го направивме заврши тогаш и сега веќе не го набљудуваме тој процес од проста причина што очигледно има сериозен недостаток на политичка волја од страна на сите чинители на овој процес, истиот избирачки список, еднаш засекогаш консензуално да го решат, и да ги нема овие обвинувања, што барем според нас сериозни влијаат врз довербата во изборите како такви.
XS
SM
MD
LG