Достапни линкови

Ќе провејува нов дух, но сигурно ќе биде присутно и партиското влијание, сметаат експертите


Нов дух сигурно ќе провејува во текот на претседателската кампања, со оглед на очекувањата дека ќе ја обележат главно кандидатите на опозицијата и власта, Фрчковски и Иванов веќе докажани универзитетски професори, кои прават обиди да се покажат како натпартиски кандидати, но неизбежно ќе биде присутно и партиското влијание, вакви се очекувањата на домашната експертска јавност во пресрет на изборната кампања. Аналитичарот од Центарот за истражување и креирање политики Жидас Даскаловски, на мислење дека сепак трката по неопределени гласачи може да креира кампања, колку толку ,,ослободена,, од партиското влијание.

„Значи ќе има одредено влијание од партиите, но сметам дека во овој случај нема да биде толку силно, прво затоа што станува збор за силни личности, а второ затоа што сваќаат дека на овие избори водење на само една партиска линија, нема да им помогне туку овој пат ќе мора да се водат од тоа да земат што поголем број на неопределени, неодлучни гласачи, значи оние кои што не излегуваат на избори.“

Смета Даскаловски. Листата на кандидати навестува дека ќе имаме нов квалитет и на самите избори и во текот на кампањата, се согласува и професорот од Факултетот на Југоисточна Европа Хасан Јашари но наспроти Даскаловски, тој е убеден дека влијанието од партиите сепак ќе биде силно:

„Мислам дека партиите ги прават проблематични изборите, како што ги направија минатогодишните парламентарни избори проблематични, мислам дека повторно ќе го сторат истото. Меѓутоа на друг начин, поддржуваат кандидати, им даваат сугестии, на некој начин кандидатите бараат поддршка од партиите, а луѓето пак гласаат за кандидат на партијата, од причина што после очекуваат бенефиции од партијата.“

Инаку според експертите надворешната политика и одбраната, ингеренции што заедно со владата ги дели претседателот на државата најверојатно ќе бидат во фокусот на кампањата:

„Знаејќи кои се ингеренциите на претседателот, најверојатно пораките ќе бидат најмногу поврзани со надворешната политика, ЕУ интеграции, регионалната соработка “

„Проблемот со името ќе се постави во прв план, па потоа проблемот внатре Охридскиот договор, начинот на кој претседателот ќе комуницира со Владата.“


Изјавуваат Даскаловски и Јашари.
XS
SM
MD
LG