Достапни линкови

Претставени новите македонски пасоши


Граѓаните на Македонија до крајот на годинава ќе добијат нови лични документи и патни исправи, изработени по стандардите на ЕУ.

„Новите документи се со висок квалитет, поради што ќе биде оневозможена нивна злоупотреба и фалсификување,“

изјави министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски на денешната прес конференција во Скопје, претставувајќи го изгледот на новиот пасош и другите документи.

„Документите се изработени од експертски тимови од Германија, во соработка со наши експерти, имаат стандардна големина и содржина и поседуваат висок квалитет во однос на материјалот и заштитата“,

рече Михајловски.

Пасошите, кои министерот очекува во октомври или ноември веќе да бидат пуштени во употреба, ќе бидат изработени во бордо нијанса, на која е насликан државниот грб. Дипломатските пасоши ќе бидат темно сини, додека пак службените патни исправи ќе бидат зелени.

Фалсификувањето на пасошите практично ќе биде невозможно, поради трикратната заштита која ја содржат, составена од видливи и невидливи елементи и биометриски чип, кој ги содржи личните податоци на граѓанинот, поради што, министерот оптимистички најави дека очекува намалување на криминалот поврзан со злоупотребата на личните документи. Новите лични карти ќе наликуваат на кредитните картички и ќе ги содржат сите досегашни информации, кои ќе бидат внесени со ласерско гравирање. Возачките дозволи ќе бидат слични како и личните карти и ќе имаат стандардизирана големина, усогласена со големината на возачките дозволи кои се користат во земјите на Европската Унија.

„Личните документи се двојазични, и со изготвувањето на овие документи, Македонија исполнува еден од условите за олеснување на визниот режим“,

објасни министерот Михајловски.

Цената на новите патни исправи нема да биде многу повисока од досегашната, а наредната фаза која ја најави министерот, е персонализација на документите, која ќе се врши во Министерството за внатрешни работи.

Според најавите, документите ќе се изработуваат во Германија, но, ќе се издаваат само во Министерството, за разлика од досегашната пракса, кога се издаваа во подрачните единици на МВР.

Новите пасоши, лични карти и возачки дозволи ќе ги изработува германската фирма "Гисеке и Девриент", која на крајот од минатата година победи на тендерот вреден близу 24 милиони евра. Оваа компанија изработува пасоши во други педесетина земји, а печати и 30 насто од еврата кои се употребуваат во Европската Унија.
XS
SM
MD
LG