Достапни линкови

Арбен Џафери, претседател на ДПА. Потребен е закон за рехабилитација на припадниците на поранешната ОНА


Господине Џафери, неодамна го промовиравте Бардух Махмути како нов член на вашата партија, а најавивте и проширување на партиското членство со неколку нови имиња. Дали е тоа обид да се подобри имиџот на ДПА, имајќи го предвид фактот дека според некои истражувања, ДПА ужива низок рејтинг кај албанскиот електорат?

Господинот Махмути е еден од најпроминентните политичари и во периодот на илегалното дејствување, и во периодот на легалното дејствување на албанските политички субјекти. Тоа не е случајна личност, туку личност со политички и морален бек-граунд. Што се однесува до нискиот рејтинг на ДПА, сметам дека тоа се фингирани резултати и кои се познати во ваквите методи на истражување на јавното мнение.

Одлевањето на членови од една во друга политичка партија, независно дали се работи за македонскиот или албанскиот политички блок несомнено станува се почеста појава на политичката сцена во земјава. Колку според вас, тоа е иницирано од финанциска, а колку од идеолошка природа?

Па, секој човек има свои идеали за кои сака да се вклучи во одредена политичка партија. Се работи за окаменување на некои структри во политичките партии кои не даваат простор за други опции кои доаѓаат од страна. Тоа иницира незадоволство кај одредени членови кои се одлепуваат од таквите структури, ствараат нови и преминуваат во други политички партии. Ако мислите дека зад тоа стојат финансиски интереси, би рекол дека тоа не е точно заради прагматични причини. Политичките партии немаат толку пари, колку што има преминувања од една во друга партија. Се работи просто за разочараност на одредени интелектуалци кои не се задоволни со нивниот третман во политичките парии и со третманот на нивните идеали во тие партии.

Сметате дека вистинскиот мотив во ваквите прелевања лежат во губењето на идеолошките вредности на партиите?

Не се работи за идеологија, бидејќи во транзициските земји политичките партии немаат своја, до крај профилирана идеологија. Тоа се случаи на идеи кои се преземаат од разни политички теории, но не се до крај обликувани. Сметам дека не се работи за идеи од тој голем идеолошки терк, туку за концепции на одредени личности кои сметаат дека имаат што да понудат на јавноста.

Колку според вас е оправдан законот за рехабилитација на учесниците во редовите на ОНА, ако се земе превид фактот дека еден ваш близок соработник тврдеше дека конфликтот во 2001 година не претставувал војна за човекови права, туку за територии?

Мислам дека погрешно ја интерпретирате неговата теза, бидејќи господинот Тачи имаше намера да објасни дека војните во текот на историјата, по дефиниција се борат за територии, а не за политички цели. Посебно, во новите политички системи, каде постои демократска шанса да се издејствува интерес внатре во системот. Значи, за права постојат демократски методи, преку кои може да се постигнат тие права. Ако се води војна, тогаш се води за територии. Со земање на територии автоматски се добиваат и права.

Значи ли тоа дека го поддржувате постоењето на еден ваков закон?

Законот е потребен поради самата идеја дека во Македонија треба да се дојде до помирување меѓу две етнички заедници кои имаат капацитет за стабилизација или дестабилизација. Мирот во Македонија не може да се достигне со прост договор меѓу политичките елити, туку во таква спогодба треба да се вклучат и оние кои беа вклучени во воените дејства. Без нивната ресоцијализација, интеграција во системот не може да се зборува за траен мир во Македонија.

Кои се придобивките на ДПА од неколку месечното бојкотирање на собраниските седници. Што доби ДПА од ваквото однесување?

Доби гаранција од меѓународниот фактор дека идните избори ќе бидат набљудувани и коректни до крај.

Каква слика се создава во јавноста за ДПА, ако се знае дека по еден ваш член, мислам на командант Лека е распишана потерница за евентуална вмешаност во исчезнувањето на Македонците од тетовско?

Сметам дека во Македонија постои грст погрешни перцепции и оценки. Господинот Лека беше еден од командантите кои гарантираше безбедност на македонското население во тој регион. И по анализа на фактите тој не е виновен за тоа, туку виновниците треба да се бараат вон неговата личност и позиција.

Вашата партија излезе со обвинување дека еден познат албански бизнисмен се обидува да воспостави врска помеѓу ДУИ и вашиот поранешен коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, значи ли тоа дека се разнишани односите помеѓу ДПА и ВМРО-ДПМНЕ?

Постои една тенденција во земјите во транзиција, каде се јавува факторот бизнисмени, кои сакаат преку недемократски процедури и моќта на финансиските средства да имаат влијание во општеството. Тоа е нормална појава кај сите транзициски земји, но сметам дека нема да успеат, затоа што политиката во ваквите земји станува се потранспарентна.

Не ми кажавте, дали се нарушени односите меѓу ДПА и ВМРО-ДПМНЕ?

Не верувам. Тоа се односи градени систематски и сметам дека не можат преку ноќ да се распаднат.

Господине Џафери, како го коментирате оменкнувањето на ставот кај македонскиот политички блок во однос на евентуална незвисност на Косово. Како се чувствувате имајќи го предвид фактот дека партијата на поранешниот премиер Георгиевски, некогаш зборуваше за отворена агресија од Косово, а денес ја поддржува неговата независност?

Господинот Георгиевски зборуваше за војната во Македонија, не зборуваше за статусот на Косово. Сметам дека во македонскиот блок на политичари постоеше една сосема луда идеја, дека независноста на Косово ќе зависи од нивните ставови. Кога станаа свесни дека тоа не зависи од нивната позиција, почнаа да стануваат порационални.

Кој ќе биде главниот адут во изборната програма на ДПА? Со што ќе ги привлечете гласовите на Албанците?

Постои еден рудник на идеи. Ќе зборуваме за неуспешноста на политичкото дејствување на ДУИ во процесот на имплементација на Охридскиот договор, за лошите резултати околу застапеноста на Албанците во системот, за корупцијата, непотизмот.

Ќе понудите ли конкретни економски или социјални програми во изборната програма?

Ние ќе ја анализираме состојбата и дури потоа ќе нудиме наши решенија за излез од таквата состојба.
XS
SM
MD
LG