Достапни линкови

Путин одби јавна истрага за заложничката драма во Беслан


,,Зошто не се сретнете со Осама Бин Ладен. Поканете го во Брисел или во Белата Куќа, прашајте го што сака и дајте му го тоа за да ве остави на мир. Зошто не го сторите тоа?,,. Ова, како што пишуваат западните весници, со голема доза на сарказам им го изјавил рускиот претседател Владимир Путин на странските новинари, повикани на разговор во неговата куќа во близина на Москва, по катастрофата во Беслан. Путин, како што пренесуваат тие им рекол дека никој нема морално право да и каже на Русија да преговара со убијци на деца. ,,Исправете ме ако грешам, но Маргарет Тачер со која се сретнав неколку пати еднаш ми рече: Човек кој излегува на улица да убие други луѓе мора и самиот да биде убиен,, се цитираат зборовите на Путин кој најави дека ќе покрене внатрешна, а не јавна истрага за трагедијата во училиштето. ,,Сакам да се оформи хрониката на настаните за да се открие кој е одговорен и да се казни за тоа,, им рекол Путин на новинарите. Тој додал дека нема да се противи доколку рускиот парламент сака да спроведе сопствена истрага, но таа, според него, би можела да се претвори во политичко шоу. Руските власти, како што јавуваат западните медиуми, веруваат дека екстремниот чеченски командант Шамил Басаев бил одговорен за заложничката трагедија која заврши со над триста дваесет и пет загинати и стотици други повредени. Притоа се наведуваат изјави на очевидци кои велат дека терористите се обиделе да ја објаснат нивната бруталност како акт на одмазда поради убивањето чеченски деца од страна на руските сили. Во врска со ова претседателот Владимир Путин на синоќешниот разговор со странските новинари им изјавил дека настаните во Беслан немаат никаква поврзаност со руската политика во Чеченија. ,,Само замислете, луѓето кои пукаат врз деца да дојдат на власт насекаде на нашата палнета. Во таков случај никогаш веќе нема да поставувате прашања за нашата политика во Чеченија,, рекол Путин, кој повторил дека на чеченската независност гледа како на ширење на стратегијата на чеченските милитанти, помогнати од странски фундаменталисти, да ја поткопаат стабилноста на југот на Русија. ,,Чеченија не е Ирак. Таа е важен дел од нашата територија, и од рускиот територијален интегритет,, оценил Путин кој навел дека Москва е заинтересирана за политичко решение во Чеченија. ,,Ќе ги зацврснеме полициските сили со чеченци, постепено ќе ги вратиме нашите војници во касарните и, ако е тоа потребно, ќе оставиме мал контингент, исто како што Соединетите Држави прават во Калифорнија и Тексас,, им изјавил претседателот Владимир Путин на странските новинари во близина на Москва.
XS
SM
MD
LG