Достапни линкови

Децентрализацијата е последното клучно поглавје од Рамковниот договор


Како демонстрација на подршката на американската администрација на владиниот предлог за пакетот закони за децентрализација, денеска во Скопје на разговори со државниот врв, но и со представниците на политичките партии престојува заменик помошникот на американскиот државен секретар за Европа, Кетлин Стивенс. Со децентрализацијата како клучна тема Стивенс по разговорите со македонскиот државен врв порача, веќе ја видовме Македонија и македонскиот народ како го направија вистинскиот чекор кон мирот, демократијата и толеранцијата со договорот од Охрид, па оттаму:

„Убедена сум дека и сега во овие неколку недели лидерите на Македонија и луѓето ќе го направат повторно вистинскиот избор кој ќе ја комплетира имплементацијата на Рамковниот договор.“

бидејќи како што рече Стивенс, оценките на американската администрација, се дека децентрализацијата е:

„Последното клучно поглавје во спроведувањето на Рамковниот договор кој ќе и помогне на Македонија во нејзините евроатлански амбиции.“

Во таа смисла и ставот на Вашингтон е непроменет, манифестиран како постојана заложба за подршка на Македонија на нејзиниот пат на реформи и приближување до евроатланските структури. Според американскиот амбасадор Лоренс Батлер:

„Меѓународната заедница во последниве две години работеше со Владата на техничките аспекти на законите за децентрализација, без претпоставка како финалниот договор за територијалната организација ќе се дефинира. Наша заедничка проценка е дека сегашниот владин предлог што ќе оди во Парламентот е функционален и доколку помине ние ќе помогнеме тој целосно да биде имплементиран.“

рече Батлер.
XS
SM
MD
LG