Достапни линкови

Штрајкот на СОНК ставен во мирување


Владата и Синдикатот за образование, наука и култура се договорија, од утре да продолжат со работа државните институции од овие области кои цели три недели штрајкуваа:

„Денешните разговори завршија успешно, што значи врз основа на денешните разговори очекуваме советот на СОНК да донесе одлука за прекин на штрајкот и очекуваме од утре образованите, културните и научните институции да почнат да функционираат нормално, и веднаш по прекинувањето на штрајкот, што значи веќе од утре ќе продолжат преговорите за веќе декларираните барања на СОНК во однос на трите ресорни министерства. Што значи, дека од утре институциите ќе функционират и преговарачкиот процес продолжува, очекуваме тој во најскор можен рок да заврши,“

изјави министерот за труд и социјална политика Јован Манасиевски.

Ова го потврди и лидерот на СОНК Дојчин Светановски:

„Преговарачките тимови од страна на владата и СОНК дојдоа до заедничко решение околу варањата кои беа причини за генералниот штрајк.“

Дали владата излезе како победник по тринеделните превирања со синдикатот. Манасиевски со одговор:

„Владата од почеток упорно говореше дека не е добро овие односи влада - синдикат да се гледаат низ призмата на поразени и победници, затоа што за никого нема да биде добро да биде ниту победник, ниту поразен, затоа што социјалното партнерство е еден тежок процес, кој трае. Така што, доколку некој се излаже и мисли дека е победник во моментот, тоа другиот социјален партнер ќе му го врати во првата наредна прилика. Така што треба друг модел да се гради, модел на доверба.“

Ние сме млада демократија и сеуште учиме, одговори Манасиевски на прашањето дали ова можеше да се договори и порано, за да не страдаат децата кои три недели останаа во своите домови.

„Веројатно да можеше да се дојде до вакво решение, ќе се дојдеше и порано, меѓутоа ние сме млада демократија, се учиме на процесите и на состојбите, така што сите и владата и синдикатот од овие состојби ќе ги извлечат соодветните поуки.“
XS
SM
MD
LG