Достапни линкови

Најмалку 18 загинати и над 350 повредени


Денеска во Истанбул се случиле неколку експлозии во кои, според последните информации загинале најмалку осумнаест, а биле повредени скоро триста и пеесет луѓе. Засега никој не ја презеде одговорноста, но според координираноста на нападите, се претпоставува дека нив ги извршила терористичката мрежа Ал Каида.

Информациите што доаѓаат од Истанбул и натаму се контроверзни, од тоа за колку експлозии станува збор, па до бројот на жртвите. Засега официјално е потврдено дека експлозиите се случиле скоро истовремено и тоа пред британскиот конзулат, пред канцелариите на една меѓународна банка чие седиште е во Лондон и во еден трговски центар. Агенциите јавуваат дека на овие згради има причиното огромна материјална штета. Турскиот министер за внатрешни работи Абдулкадир Аксу денешните експлозии ги поврза со оние од минатата сабота во две синагоги во Истанбул кога загинаа дваесет и пет луѓе. Одговорноста за тие напади ја презеде Ал Каида. Шефот на турската дипломатија Абдула Ѓул кој е во посета на Шведска изјави дека Турција нема да подлегне пред теророт.

„Сега се соочивме со организирани терористички напади. За жал, загубивме многу невини луѓе, но ќе продолжиме да се бориме против тероризмот.“

И британскиот министер за надворешни работи Џек Строу денешните експлозии во Истанбул ги оцени како терористички акти. ,,Не ги имаме комплетирано сите детали, но нападите ги имаат сите знаци на терористичкта мрежа Ал каида,, изјави Строу кој прецизира дека меѓу загинатите имало и британски државјани. Строу говореше пред денешната заедничката прес конференција во Лондон на премиерот Тони Блер и американскиот претседател Џорџ Буш кој престојува во посета на Британија. Тие ги осудија денешните експлозии во Истанбул и ја изразија заедничката решеност да ја продолжат војната против меѓународниот тероризам.

„Уште еднаш се потсетивме на злото што овие терористи им го прават на невините граѓани. Уште еднаш мораме да потврдиме дека во борбата против тероризмот нема враќање назад, нема компромиси, нема колебливост.“

„Јас исто така сакам да ја изразам моето длабоко сочувство за жртвите во Турција. Природата на терористичкиот непријател уште уште еднаш се докажа. Ние го видовме нивното непочитување спрема недолжните животи.“


Претседателот Буш и премиерот Блер исто така ја повторија заложбата да ја продолжат мисијата во Ирак. ,,Ќе ја завршиме работата што ја започнавме,, изјави Буш, додавајќи дека доколку тоа е неопходно ќе биде зголемен бројот на американските трупи за да се подобри безбедноста во таа земја.
XS
SM
MD
LG