Достапни линкови

Усвоена декларација упатена до самитот на ЕУ во Солун


„Очекуваме дека самитот во Солун ќе им испрати силна политичка поддршка на земјите од регионот дека Европската унија како заедница на вредности засновани на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните права и слободи, се залага за европската иднина на сите земји на процесот за стабилизација и асоцијација и оти Европа ќе биде навистина обединета само откако сите земји во регионот ќе станат нејзин интегрален дел“.

Ова го порачаа претседателите на Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина од охридскиот самит. Тие денеска потпишаа заедничка декларација што ја упатија до самитот на Европската Унија во Солун.

Во декларацијата лидерите од петте земји од западниот Балкан оценуваат дека земјите од процесот за стабилизација и асоцијација постигнале голем напредок во спроведувањето широки политички, економски и социјални реформи, а владите и граѓаните постојано ја истакнуваат заложбата и главниот приоритет за интеграција во европските и евроатланските структури.

Претседателите на охридскиот самит ги поздравија оние членки на Европската Унија кои дадоа сугестии за обезбедување предпристапни механизми за примена на кохезијата во нашиот регион. Регионалната соработка на патот кон Европската Унија ја поздрави министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Папандреу, претседавач на Советот на министрите на Унијата. Со учеството на охридскиот самит, како што рекоа претседателите, тој го потврди неговиот легитимитет. Папанреду средбата во Охрид ја оцени како многу важна, затоа што состанокот на петмината лидери, според него, го покажа она што беше незамисливо пред неколку години. Сегашниот состанок, според Папандреу, е многу важен напредок на преминот од конфликтите и проблемите во нова ера на поголема соработка и мир и тоа е духот на самитот во Охрид:

„Ова е регион на кој му е дадена перспектива за Европската Унија и тоа е апсолутно неопходно доколку сакаме Европа навистина да биде географски и културно целосна. Ова е пораката што ја упатуваме пред самитот во Солун“

рече Папандреу.

„Убеден сум дека Европската Унија и во Солун на самитот на сосема практичен и конкретен начин ќе утврди како земјите од процесот за стабилизација и асоцијација можат во блиска иднина да станат дел од тој просперитетен свет и конечно ќе успее да ја етаблира новата парадигма, а тоа значи пренасочување на тежиштето на стабилизација на регионот“

рече на прес-конференцијата по самитот претседателот на Македонија Борис Трајковски.
XS
SM
MD
LG