Достапни линкови

Битката кај Вухледар укажува на големи руски воени проблеми


Украина– Оштетени руски тенкови кај Вухледар по рускиот обид да го нападне тој град на почетокот на февруари. регион Донецк, февруари, 2023
Украина– Оштетени руски тенкови кај Вухледар по рускиот обид да го нападне тој град на почетокот на февруари. регион Донецк, февруари, 2023

Извештаите, видео снимките и фотографиите од Вухледар, укажуваат дека руските единици претрпеле големи загуби во опрема, а некои извештаи говорат и за стотици жртви.

Според еден извештај, од речиси триесет руски тенкови и оклопни возила останало само пепел. Според друг, можеби биле убиени дури 500 руски војници. Роднините на војници од една руска единица избезумено разменуваат СМС пораки и објави на социјалните мрежи обидувајќи се да ги најдат своите најблиски.

Повеќе од две недели по големата битка меѓу руските и украинските сили, полека се појавуваат детали за тоа што точно се случило во Вухледар на почетокот на февруари.

Според претставници на украинските и западните разузнавачи, руски и украински воени блогери, сателитски фотографии и други отворени извори, руските пешадиски и други единици претрпеле катастрофални загуби во обид да заземат град во Доњецката област, по втор пат од ноември.

„Ако ова не е воено злосторство, тогаш што е воено злосторство“, прашува еден руски канал на Телеграм, познат по врските со платеничката група Вагнер, во жесток пост на кој се прикажани фотографии од уништувањето, очигледно направени од Украина.

Редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски го презентира она што доега е познато за битката за Вухледар и што таа говори за борбените способности на Русија, една година по почетокот на нејзината инвазија на Украина.

Кој е градот Вухледар?

Во рударскиот град Вухледар, на помалку од два километри северно од градот Павливка, пред инвазијата живееја 14 илјади жители, главно во сиви станбени блокови во советски стил, сместени на рамно, отворено земјиште.

Низ скршен процорец се гледа зграда оштетена од руски воен напад во градот Вухледар, Украина, на 18 февруари 2023 година.
Низ скршен процорец се гледа зграда оштетена од руски воен напад во градот Вухледар, Украина, на 18 февруари 2023 година.

Руските сили ја контролираат Павливка, некаде од ноември 2022 година, откако единиците, вклучително и 155-та поморска пешадиска бригада на Пацифичката флота, ја презедоа контролата од украинските војници кои ја зазедоа Павливка неколку месеци претходно.

Руските единици претрпеа толку тешки загуби што група маринци објавија отворено писмо до гувернерот на Приморје на рускиот Далечен Исток, каде што е сместена базата на нивната единица. Во писмото објавено на познат руски воен канал на Телеграм, со остри критики на командантите, се наведува дека за четири дена 300 војници биле убиени, ранети или исчезнати, додека половина од опремата на бригадата била уништена.

Руското Министерство за одбрана на 14 ноември објави дека Павливка е под руска контрола.

После тоа, линијата на фронтот меѓу Павливка и Вухледар беше повеќе или помалку стабилна до крајот на минатиот месец, кога руските сили повторно започнаа напади.

Зошто Русија сака да го контролира Вухледар?

Се чини дека причината поради која Русија го сака Вухледар е неговата висина.

Релативно високата надморска височина на градот го прави оптимален за распоредување на артилериски и ракетни системи, од каде може да се заканува не само на Павливка, туку и на автопатот Т-0509 во правец исток-запад, кој води до поголем автопат што ги поврзува пристаништето Мариупол и регионалната престолнина Донецк.

Исто така, оттаму може да биде загрозена големата железничка линија, која може да се користи за снабдување на војниците во Доњецк и Мариупол, но и за испраќање залихи на запад до Запорожје, кој е под руска контрола.

Некои воени аналитичари шпекулираат дека Запорожје би можел да биде во фокусот на планираната украинска контраофанзива.

Што точно се случи во Вухледар?

Почнувајќи од последната недела од јануари, по неколкунеделни гласини за акумулација на руски сили во областа, руските единици повторно го нападнаа Вухледар. Во нападот учествувале единици од 155-та бригада како и од 40-та поморска пешадиска бригада, стационирани на Камчатка. А учествувала и единица мобилизирани војници од регионот Татарстан.

Нападот не помина најдобро за руските сили.

До крајот на првата недела од февруари, руската офанзива изгледа престана.

Според каналот Рибар на Телграм, за кој се верува дека е тесно поврзан со руското Министерство за одбрана, руските команданти потоа се обиделе со страничен напад од север, но и тоа не успеало поради жестоките напади на украинската артилерија, беспилотните летала од повисоки позиции, како и поради минираните приоди кон градот.

На 11 февруари, украински војник пука со минофрлач врз руските војници на фронтот кај Вухледар.
На 11 февруари, украински војник пука со минофрлач врз руските војници на фронтот кај Вухледар.
Проценките на украинскиот Генералштаб велат дека Русија изгубила најмалку 130 оклопни возила, вклучувајќи 36 тенкови, иако некои набљудувачи велат дека тие бројки веројатно се претерани.


Сепак, извештаи кои кружат на Телеграм, плус видео снимките од воздух и фотографиите од терен во близина на Вухледар, укажуваат дека руските единици претрпеле големи загуби во опремата, а проценките се движат меѓу 20 и 40 тенкови и други возила.

Во интервју за руската веб-страница „7х7“ објавено на 13 февруари, маж идентификуван како член на 3-та чета на 155-та бригада изјави дека само осум припадници на единицата го преживеале нападот и дека можеби загинале до 500 војници.

„За оние кои преживеале се вели дека се дезертери“, изјавил неименуваниот војник.

„Ќе беше подобро да бев заробен и никогаш да не се вратев. Расположението е исклучително лошо. Тие веќе потрошија 500 мажи, можеби и повеќе.

Дополнителни показатели за потенцијално голема загуба дојдоа на 8 февруари, кога беше објавена објава на социјалната мрежа ВК на страницата Алга посветена на баталјонот од Татарстан. („Алга“ значи „Напред“ на татарски.)

„Изразуваме искрено сочувство до семејствата на членовите на баталјонот Алга кои загинаа во битка на 6 февруари 2023 година“, се наведува во објавата. „Податоците за загинатите се уште се утврдуваат“.

„Нешто лошо му се случи на татарскиот баталјон на Алга на 6 февруари на фронтот“, изјави украинскиот блогер Денис Казански на својот канал на Телеграм, каде што ја сподели споменатата објава од ВК.

„Тие пишуваат дека како резултат на неуспешен напад на украинските позиции, загинале неколку десетици луѓе одеднаш. Се уште не е познат точниот број, бидејќи телата лежат на полињата и не можат да се однесат.“


Стравувањата дека баталјонот од Татарстан претрпел големи загуби, исто така брзо се проширија на ВК и другите социјални медиуми. Во разговор за регионалниот руски сервис на Радио Слободна Европа, двајца роднини на војниците на баталјонот Алга ги обвинија командантите на четата дека ги напуштиле војниците. Еден проценува дека загубите се еднакви на бројот на војници во две руски чети, кој изнесува околу 250-300 мажи.

Трет роднина беше огорчен што регионалните лидери на Татарстан јавно не изразија жалење или не ги признаа загубите.

Сите тројца зборувале под услов да останат анонимни, плашејќи се од одмазда од органите на прогонот.

„Општо земено, фронтот Вухледар сега е особено крвав. Сите единици кои учествуваат во битките претрпуваат големи загуби, така што слични извештаи за Алга се во согласност со „поголемата слика““, рече за РСЕ, Руслан Левиев, кој е дел од Тимот за разузнавање на конфликти, што ги истражува јавно достапните податоци за конфликтот.

Игор Гиркин, поранешен руски воен разузнавач, кој сега е отворен критичар на однесувањето на руските команданти во војната, исто така навести за големи загуби. Тој тврди дека биле уништени повеќе од 30 оклопни возила и дека биле убиени „десетици“ членови на тенковскиот екипаж, со „уште поголеми“ загуби меѓу поморската пешадија на специјалните сили, како и на членови на моторизираната пешадија.

„Непријателот без многу потешкотии повторно ги задржа своите позиции во утврденото подрачје, за кое имаше повеќе обиди да биде заземено во пролетта и летото минатата година (исто така директно)“, наведе Гиркин на Телеграм. Тој е обвинет за соборувањето на авионот MH17 на Малезија Ерлајнс во летото 2014 година.

Институтот за проучување на војната, тинк-тенк со седиште во САД, во својата проценка на 10 февруари рече дека видеата што кружат силно укажуваат на „многу нефункционални тактики“.
Тактиката, како што се наведува, далеку повеќе укажува на фактот дека 155-та поморска пешадиска бригада веројатно се состои од слабо обучен мобилизиран персонал, отколку на лоша команда.

„Страв од команданти, неподготвеност да се работи на грешки, неискористување на искуството од една година војна и најобична бирократија: ова се главните причини за она што се случи“, напиша Рибар на 11 февруари.

„Потребни се системски промени во спроведувањето на борбените операции“.

Во спротивно, наведува Рибар, „Вухледар ќе продолжи да се повторува“.

Руското Министерство за одбрана не ја коментираше битката кај Вухледар.

XS
SM
MD
LG