Достапни линкови

Јурчева: Во денешното време на неизвесност, најнеизвесни сме за самите себе


Ирена Јурчева - писателка, поетеса и преведувачка
Ирена Јурчева - писателка, поетеса и преведувачка

„Разнишан свет“ е насловена втората збирка на раскази на Ирена Јурчева што како издание на „Темплум“ се појави неодамна. За расказите ќе биде забележано дека „полни со симболи и со алузии, на работ помеѓу сонот и јавето, тие навлегуваат во чудесното и фантастичното“.

Ирена Јурчева е интересна појава на нашата книжевна сцена. Има една мистичност и мистериозност во нејзиното пишување, една ненаметлива доследност во интерсот и истражувањето на непознатото, едно постојано трагање по што поавтентични патишта, форми и жанрови за да се преточи тој интерес и она што мене особено ме фасцинира, многу работа на јазикот и на лексиката. Таквиот интерес продолжува и во нејзиното научно и академско надоградување, бидејќи како преведувач работи магистерска тема за културолошкото преведување на Силимарин на Толкин. Се зафатив со податоци од биографијата на Ирена, не затоа што го сакам позитивистичкиот принцип на читање на нештата, туку затоа што пред вас сакам да потенцирам неколку значајни и неслучајни моменти од нејзиното пишување.Свртеноста кон чудесното, односно фантастичното се темел и на „Разнишан свет“, една оска која има почеток, средина и крај или една постепена градација. Збирката почнува со еден одличен расказ, можеби мојот омилен Ранобудниот негубинадежник. Еден текст со сигнификантен наслов, една проза во која го има ем Гане Тодоровски со Одата за Делникот, обичниот ден за обичниот човек, или необичниот човек во еден обичен ден, но и Гане Тодоровски во неологизмите, во кованиците во едно својско нурнување во јазикот, кое кај Јурчева е навистина за прочит и почит. Почнува таа со еден шармантен портрет на некој чичко од скопскиот плоштад и ве остава со подотворени очи – го знам ли? Го сретнав ли?ме размина ли? Се поздравивме ли?

Вака за писателката, поетесата и преведувачката Ирена Јурчева, за нејзината нова објава, збирката раскази „Разнишан свет“ што како издание на „Темплум“ се појави во средината на мај, во својот опсежен текст пишува нејзината колешка и книжевен критичар Александра Јуруковска. Со тоа, таа фрла сноп светлина повеќе не само на актуелната книга, туку уште повеќе и на авторката која некако ненаметливо успева да не сврти кон сопствените потраги длабоко и кон она што не опкружува и притиска. Нашите вомјази и премрежиња.

Родена 1982 година Ирена Јурчева дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Работела како наставничка по англиски и француски јазик и превела повеќе од петнаесет книги на македонски.

Во 2017 година ја освои награда на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри”– Гостивар, а досега ја има објавено поетската книга „Таинства” (2017) и збирката раскази „Белата е најстрашната боја“ (2019) за која ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите!“ од книгоиздателството „Темплум“. Нејзина поезија е присутна и во неколку книжевни списанија.

А, разговорот со Јурчева овојпат го имаше ваквото течение.

По три години од наградената збирка раскази Белата е најстрашната боја“, Ирена Јурчева еве ја со новата книга Разнишан свет“. И ако во претходната објава се бавевте со созревањето, каде овојпат тематски се обидовте да зачекорите?

Во оваа збирка раскази се обидувам да навлезам во дистопискиот жанр, но мислам дека само ги наводенувам стапалата, и се’ уште не запливувам убаво. Подлабоко зачекорувам во психолошката анализа на ликовите, и тоа што им остава силен впечаток на читателите со кои сум разговарала се добро изградените ликови. Mожеме да ги почувствуваме психолошките состојби на нивните души. Тие се соочуваат со суровоста еден тоталитаристички режим во кој е забранета писменота, творењето и создавањето на културните добра, па се поставени пред избор да творат, наспроти опресијата која нуди конфор. Растргнати се помеѓу разумот и срцето кое ги води кон професијата што ја избрале да ја работат, која не само што е непожелна туку и забранета.

Повеќе се сосредоточувам на внатрешната борба на ликовите и испитувањето на сопствената душа, отколку на структурата на општественото уредување на имагинарниот угнетувачки систем во расказите.

Каква галерија на ликови од скопскиот асвалт, од плоштадите, улиците... нуди Разнишан свет“ и со што се соочуваат тие? Колку е потребно во денешно време да го откриеме човечкото во себе?

Во првите раскази се обидувам да го „фотографирам” времето и реалноста во која живееме (повторно велам „се обидувам”, но и верувам дека обидот е успешен!). Започнувам со нашето секојдневие, а ликовите се веќе познати и некаде видени – од обични луѓе кои со носталгија се присетуваат за некои минати времиња и чудни и помалку смешни ликови кои собираат изгубено „богатство” на кејот, до анонимни плаќачи на слабо платените преведувачи... Низ речиси сите раскази реалистичното и чудесното се испреплетени. Во околностите и внатрешниот свет на ликовите се чувствува поволна клима кон промени во разнишаните општества и во разнишаните души на глобално ниво.

Во вториот циклус на збирката, се појавуваат поколоритни ликови: млад и ексцентричен водач, сеништа кои стојат позади сцената на сите светски збиднувања, бунтовници во угнетувачкиот систем, непожелни писатели и фотографи, кои наоѓаат оддишка во забранетите уметности или пак кришум пишуваат дневници за да ги забележат настаните од нивното време како скриена историја за младите генерации.

Во денешното време на неизвесност, најнеизвесни сме за самите себе – колку ќе останеме доследни на своите принципи, со други зброови, колку ќе му искажеме верност на нашето срце, и колку ќе останеме при здрав разум кој доживува катаклизмичен пад во целиот свет. Првиот чекор до откривање на човечкото во себе се продуктивната самотија и времето поминато во природа.

Обично книгите ги објавувате во интервал две до три години. Започнавте ли со работа на новата објава? Ќе останете ли на прозата, на расказите, ќе се амбицирате да напишете роман или ќе и се вратите на поезијата? Што творечки ве провоцира во последно време?

Следната книга што ќе се објави наскоро, во издание на „Современост” е поетска и носи наслов „Огнот наш нестишен”. Пред се’ сум раскажувач, и чувствувам дека во прозата можам да дадам повеќе од себе, од мојот талент, време и енергија. Но поезијата е овде да ме потсетува дека има нешто повозвишено од долгите описи и секојдневните дијалози, од кое не треба и не сакам да се одвојам.

Свесно или несвесно внесувам лиричност во моите раскази. Тоа ми го потврдиле и некои писатели во нашите разговори. Што се однесува до пишување роман, многу идеи подолго време стојат непоместени во белешките, но ќе им дадам време да отстојат за да излезе нешто како потврд залак (пред се’ за мене како автор), а сепак да биде вкусно и убаво направено. Романот и прозата воопшто заслужува да се помине повеќе време, дури и да се поврзате толку со него за да го наречете „свое чедо”.

Каде во вашата авторска приказна , вашата културна мисија, моментално е преводот? Каков е неговиот третман кај нас и дали ја има важноста што ја заслужува?

За време на постдипломските студии се посветив на истражување и преведување на фантастична литература. Со години ги проучував делата на Џ.Р.Р. Толкин чиишто јазик и имагинарни светови се толку богати и инвентивни, што го предизвикуваат преведувачот кој се нафатил на оваа тешка и речиси невозможна работа да истражува и копа по македоскиот јазик за да наоѓа архаизми, застарени зборови и конструкции, да создава нови зборови и кованки, за верно и креативно да го пренесе ефектот на оригиналниот текст. Пишувањето е блиску до книжевниот превод и со работа на едното се подобрува квалитетот и на другото. Верувам дека мојата задача засега е да се посветам на преведување на Толкин и на други автори кои пишувале во жанрот фантастиката која кај нас има многу читатели особено во помладите генерации. Само добрите преводи му користат на македонскиот јазик.

Сонувам за денот кога преведувачите можеме да живееме од преведувањето, но соништата се обистинуваат кога сериозно и фокусирано се работи на нив, со заеднички сили, без изразениот пезимизам кој за жал, се’ повеќе не’ карактеризира.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG