Достапни линкови

Шест месеци по несреќата во модуларната болница во Тетово нема одговорност


Модуларната болница во Тетово ден по несреќата.

Причините за несреќата во модуларната болница во Тетово се утврдија пред неколку месеци, но предистрагата се уште трае. Се уште не се знае дали некој кривично ќе одговара за несреќата. Од обвинителството велат дека анализата на доказите е во тек.

Шест месеци по несреќата во модуларната болница во Тетово познати се причините, но се уште не се лоцирани и одговорните. На 8 септември, минатата година во болницата во која се лекуваа пациенти заразени со Ковид-19 животот го загубија 14 лица. Истрагата ја предводеше тетовското обвинителство. Во истрагата учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија, а нивниот извештај од седум страници беше доставен до обвинителството во средината на јануари.

Од обвинителство за РСЕ велат дека во предметот во континуитет се преземаат дејствија во рамките на предистражна постапка со цел да се утврдат сите факти и околности. Во таа насока, како што наведуваат, било наредено вештачење од МВР ОКТИВ, кое обвинителството веднаш го објави и кое се однесува на директните причини за самиот пожар. Притоа биле наредени и извршени уште две вештачења, од Технолошкиот факултет и од стручно лице, електроинжинер.

„По меѓународна правна помош беше побарано вештачење од германските експерти, а пристигнатиот извештај, во поглед на директните причини за настанување на пожарот, не се разликува многу од она што го утврдија стручните лица од ОКТИВ. Сепак, сите извештаи се анализираат во корелација со останатите прибавени докази, како и со вербалните искази на сослушаните сведоци и други лица кои имаат сознанија за настанот. Анализата на сите прибрани докази е во тек. ​Јавните обвинители, по целосно утврдување на фактите во предметот, ќе донесат одлука за која јавноста веднаш ќе биде известена“, велат од обвинителството.

Истрагата на тетовското обвинителство се однесуваше на надзорот и техничкиот прием на модуларната болница, од кои материјали е изградена, приклучоците за вода, снабдувањето на кислород и електрична енергија, стандарди за противпожарна заштита.

И државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за РСЕ на крајот на јануари изјави дека вештачењето на германските експерти се совпаѓа со вештачењето на македонските експерти.

„Морам да истакнам дека на помош на двајцата обвинители во Тетово им беа обезбедени и двајцата дежурни обвинители во Основното јавно обвинителство во Скопје. Сите ги проучуваа сите овие докази, секој посебно и во рамките на на нивната севкупност и доколку постојат доволно елементи за донесување на јавно обвинителска одлука, очекувам во скоро време ќе донесат соодветна одлука“, рече Јовески.

Обвинителството во октомври, минатата година го објави извештајот изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР.
Со вештачењето се утврди дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

По воочена појава на пламен, како што посочија од обвинителството, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар.

„Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот“, велат оттаму.

Поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители Константин Кизов по објавата на извештајот за РСЕ изјави дека на еден приклучен кабел не можело да биде вклучен дефибрилатор, туку тој треба да биде споен на (штекер) директен извор на електрична енергија.

„Набавката, изведувачот, приемот, ракувањето, тука е комплекс на пропусти и одговорности“, рече Кизов.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за јавната набавка на модуларната болница. Набавката беше спроведена од Министерството за труд и социјална политика со заем од Светска банка.

Фирмата Брако и ЈБТ АРИ и ТОМ од Валандово ја добија набавката на контејнерите за модуларните болници. Додека пак само фирмата Брако ја доби набавката за инвентарот и опремата во ковид центрите.

Сопственици на Брако, според документацијата за набавката, се поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и Благој Шалев. Но, овластеното лице кое ги потпишува двете набавки е Шалев. На фирмата ЈБТ АРИ и ТОМ сопственик е Аристотел Исиров кој е и потпишан на договорот.

Од Брако по пожарот ги отфрлија шпекулациите дека нешто не било во ред со изведбата на објектите.

Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG